Европската Унија подготвува промени во начинот на кој ќе ги прима идните членки, со помалку можности една држава да блокира одлуки, постепено вклучување на кандидатите во европските политики и построги механизми за заштита на демократијата и владеењето на правото.
Еврокомесарката за проширување Марта Кос денеска во Загреб ги претстави четирите области околу кои Европската комисија сака да отвори дебата пред следното проширување на Унијата. Таа оцени дека Европа се наоѓа пред нов „Хелсиншки момент“, сличен на периодот што му претходеше на големото проширување во 2004 година.
„Светот се промени, а проширувањето мора да се промени со него“, порача Кос на Конференцијата на хрватските амбасадори.
Една од најзначајните идеи е намалување на областите во кои една земја-членка може сама да блокира одлука на целата Унија. Според Кос, такви промени би можеле да се направат и без менување на основните договори на ЕУ, што би овозможило побрзо донесување одлуки во Унија со повеќе од 30 членки.
Предлогот е особено значаен за земјите-кандидати кои во изминатите години се соочуваа со билатерални блокади во процесот на пристапување. Засега, сепак, не е утврдено на кои конкретни фази од проширувањето би се применувало евентуалното ограничување на правото на вето.
Втората голема промена се однесува на заштитата од демократско назадување откако една земја ќе стане членка.
„Мора да бидеме сигурни дека нема да примиме тројански коњи. Не денес, ниту за 10 или 20 години“, рече Кос.
Според неа, искуството во Унијата покажало дека сегашните механизми можеби не се доволни за да спречат идни членки по приемот да ги прекршуваат фундаменталните европски вредности. Европската комисија затоа разгледува дополнителни гаранции и заштитни механизми кои би можеле да се активираат доколку дојде до назадување во владеењето на правото или демократијата.
Третата промена предвидува посилна постепена интеграција на кандидатите уште пред формалното членство. Наместо сегашната логика „сè или ништо“, земјите што ги исполнуваат условите би можеле порано да добиваат пристап до одредени европски политики и придобивки.
Таков пристап веќе делумно се применува преку вклучувањето на кандидатите во Единствената област за плаќања во евра, СЕПА, енергетскиот пазар и делови од Единствениот пазар. Кос смета дека тоа треба да се прошири.
Четвртата област се преодните механизми по членството, со кои ЕУ би се заштитила од економски, институционални или буџетски потреси при прием на нови земји.
Кос како најнапреден кандидат ја посочи Црна Гора, потоа напредокот на Албанија, како и Украина и Молдавија. Европската комисија најавува дека првите конкретни идеи за внатрешната реформа на Унијата ќе ги претстави во септември, пред дебатата на европските лидери во октомври.
За Македонија најавените промени се значајни и поради долгогодишните блокади во пристапниот процес. Кос при посетата на Скопје во јули повтори дека земјата треба да продолжи со реформската агенда и постепеното интегрирање во Унијата додека трае процесот за членство.

