Бугарската нуклеарна централа „Козлодуј“ дополнително ја намали моќноста на петтиот блок на 850 мегавати поради критично ниското ниво на Дунав. Од почетокот на ограничувањата реакторот ја намали моќноста за околу 15 отсто, од претходните 1.010 мегавати.
Ова е второ намалување на производството за помалку од една недела. На 21 август централата првично ја намали моќноста на блокот за околу 120 мегавати како превентивна мерка поради продолжениот пад на водостојот на Дунав.
Станува збор за прв случај во 52-годишната историја на „Козлодуј“ моќноста на еден блок да биде ограничена поради екстремни метеоролошки и хидролошки услови.
Од централата нагласуваат дека водата од Дунав не се користи за ладење на нуклеарните реактори. Таа служи за ладење на пареата во кондензаторите во конвенционалниот, ненуклеарен дел од постројката. Намалувањето на моќноста треба да ја олесни работата на пумпите при исклучително нискиот водостој.
Шестиот блок продолжува да работи без поголеми промени, со моќност од околу 970 мегавати. Бугарското Министерство за енергетика соопшти дека во моментов нема кризна состојба и дека не се загрозени ниту електроенергетскиот систем на земјата ниту извозот на струја.
Проблемите во „Козлодуј“ се дел од пошироките последици од рекордно нискиот водостој на Дунав. Сличните хидролошки услови веќе влијаеја врз производството на електрична енергија и во други земји долж реката, вклучително и Унгарија, Србија и Романија.
Од централата предупредуваат дека се можни дополнителни ограничувања доколку нивото на Дунав продолжи да паѓа. Специјален тим уште од почетокот на јули ја следи состојбата и ги спроведува мерките за безбедна работа на двата блока.

