Македонските производители преку Lidl се отвораат кон Европа, нови стандарди, инвестиции и извозни шанси

Од производствените капацитети во Радовиш до полиците на Lidl во повеќе европски земји, за македонските производители се отвора нов простор за раст, стандардизација и извоз. За придобивките од ваквото партнерство се разговараше при неодамнешната посета на германската амбасадорка Петра Дрекслер на „Млекарница Ѓоргиеви“ и „Бестфуд ТИ“ во Радовиш.

„Бестфуд ТИ“ соработува со Lidl од 2023 година и веќе произведува производи од цвекло, пиперки и феферони за сопствената марка на Lidl, Freshona. Производите досега биле пласирани во рамки на промотивните недели на македонски производи во Бугарија, Словенија, Србија и Хрватска.

„Млекарница Ѓоргиеви“, пак, наскоро треба да започне со производство на млечни производи за брендот Pilos.

Сопствените марки се во основата на бизнис моделот на Lidl и подразбираат исполнување високи стандарди за квалитет, безбедност и следливост, соодветни сертификати и редовни независни проверки. Контролата го опфаќа целиот производствен процес, од суровините и условите во производството, до финалната проверка на производот.

Комерцијалниот директор во Лидл Северна Македонија, Стефан Георгиев, вели дека влегувањето на домашна компанија во системот на сопствени марки на Lidl значи и влегување во систем со високи барања.

„Исполнувањето на тие критериуми бара инвестиции и унапредување, но ги прави компаниите поконкурентни и подобро подготвени за европските пазари. Затоа соработката со локалните производители ја гледаме како можност за долгорочен развој и нови извозни можности. Со ефикасен синџир на снабдување и соработка со домашните компании, можеме да понудиме производи со висок квалитет по достапни цени, а истовремено да го поттикнеме локалното производство и извозот“, вели Георгиев.

Германската амбасадорка Петра Дрекслер истакна дека исполнувањето на високите европски стандарди е клучен двигател за развој на домашните компании.

„За македонските производители, соработката со големите трговски ланци претставува директен мост кон европскиот пазар. Применувањето на овие стандарди не е само услов за партнерство, туку механизам што на домашните бизниси им ги отвора вратите за долгорочна конкурентност на европската економска мапа, клучен чекор кон членството во ЕУ“, изјави Дрекслер.

Управителот на „Бестфуд ТИ“, Крсте Ѓоргиев, вели дека соработката со Lidl значително го променила начинот на работа на компанијата. Барањата, особено во однос на IFS сертификатот за безбедност, поттикнале нови инвестиции и унапредување на деловните процеси.

„За да ги исполниме строгите стандарди, инвестиравме во нова опрема, технологија и системи за контрола на квалитетот. Ова усогласување не само што ги подигна нашите критериуми, туку нè направи поконкурентен и стабилен партнер, подготвен за кој било европски пазар“, изјави Ѓоргиев.

Директорката на „Млекарница Ѓоргиеви“, Адриана Панева, посочи дека компанијата продолжува со инвестиции во нова опрема и автоматизација на производството.

„Стандардите на Lidl ги вградивме во секој дел од процесот, од откупот на сурово овчо и козјо млеко од локалните фарми, преку производството, до финалната контрола. Стартот на производството за брендот Pilos е значаен чекор за нашата млекарница и за нашите кооперанти“, изјави Панева.

Од двете компании посочуваат дека соработката со Lidl продолжува да расте, а зголемениот обем на производство и извозот преку мрежата на маркетите го потврдуваат потенцијалот на домашното производство.

„Бестфуд ТИ“ и „Млекарница Ѓоргиеви“ продолжуваат со инвестиции во модернизација и автоматизација, со цел да одговорат на растечката побарувачка и на домашниот и на извозните пазари.

Lidl досега има инвестирано повеќе од 200 милиони евра во развој на современа инфраструктура во земјата. Во 2025 година, извозот на македонски производи преку мрежата на Lidl достигнал 15,5 милиони евра.

Како дел од Schwarz Group, еден од водечките европски трговци со храна, Lidl управува со околу 12.900 маркети во 31 држава. Наскоро се очекува компанијата да ги отвори своите маркети и во Македонија, со што домашните потрошувачи ќе добијат пристап до понудата на Lidl, а домашните производители дополнителна можност за пласман и раст.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали вашето семејство приготвува ајвар?