Уште не се знае пресметката за септемвриската пензија

Германија

Точниот процент за септемвриското усогласување на пензиите сè уште не е утврден, а конечната пресметка ќе биде позната на почетокот на следната недела, откако ќе бидат достапни последните статистички параметри за август.

Министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски вечерва изјави дека според досегашните податоци зголемувањето би требало да се движи меѓу 3 и 3,5 отсто.

„Се чека да заврши август и веќе следната недела ќе ги имаме параметрите и ќе излеземе со конкретни бројки, бидејќи треба да влезат во исплата на септемвриската пензија што ќе се земе на 1 октомври“, изјави Велковски за ТВ Сител.

Тоа значи дека пензионерите нема да добијат ист фиксен износ, како при претходните линеарни покачувања, туку секоја пензија ќе се зголеми процентуално.

Според важечкиот член 37 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, редовното усогласување се врши на 1 март и 1 септември. Во пресметката подеднакво учествуваат движењето на трошоците на живот и растот на просечно исплатената плата.

Ако конечниот процент биде во најавениот распон, пензија од 20.000 денари би пораснала за околу 600 до 700 денари, пензија од 30.000 денари за 900 до 1.050 денари, а пензија од 40.000 денари за 1.200 до 1.400 денари.

Велковски потврди дека засега останува важечки процентуалниот модел, откако во претходниот период пензиите беа зголемувани линеарно за вкупно 7.000 денари.

Премиерот Христијан Мицкоски претходно исто така најави враќање на редовното законско усогласување, но тогаш рече дека точниот процент сè уште се пресметува.

Следното редовно усогласување по септемвриското е предвидено за март 2027 година. Велковски остави можност во меѓувреме Владата да разгледува и дополнителни интервенции, но засега таква одлука нема.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали вашето семејство приготвува ајвар?