Продолжува истрагата за набавките на мазут за ТЕЦ Неготино

Вишото јавно обвинителство Скопје ја укина наредбата со која беше запрена истрагата за набавките на мазут за ТЕЦ Неготино и го задолжи Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција да продолжи со постапката.

Одлуката е донесена по приговор на АД Електрани на Македонија, кој Вишото јавно обвинителство го уважило. Истрагата се однесува на сомнежи за злоупотреба на постапка за јавен повик, доделување договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство, како и за перење пари. Со предметот се опфатени 13 физички и едно правно лице.

Во решението се констатирани слабости во вештачењата врз кои обвинителот од ОЈО ГОКК ја темелел одлуката за запирање на истрагата. Поради тоа е побарано постапката да продолжи со дополнително утврдување на поединечните дејствија на осомничените.

Вишото обвинителство бара да се утврди дали и кои лица презеле директни дејствија или помагале при евентуална злоупотреба на средства од државниот буџет, преку користење на законските можности за јавни набавки, со што можела да биде овозможена имотна корист од големи размери за еден од осомничените и неговото правно лице.

ОЈО ГОКК е задолжено да прибере и дополнителни податоци од повеќе институции и да нареди нови вештачења, со цел да се испитаат сите околности и евентуалната кривична одговорност.

Предметот за набавките на мазут беше отворен во март минатата година, а меѓу осомничените има поранешни и актуелни лица поврзани со ЕСМ и компании кои учествувале во набавките.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дата центри - дали сте информирани, дали поддржувате?