Македонија продолжува да гори, четири пожари се активни

Пожарите на отворено не стивнуваат ниту на почетокот на септември. До 13 часот денеска низ Македонија се регистрирани 12 пожари, од кои четири сè уште се активни, седум се ставени под контрола, а еден е целосно изгаснат, информира Центарот за управување со кризи.

Утринскиот пресек на ЦУК покажуваше дека во претходното деноноќие биле регистрирани дури 26 пожари на отворено, од кои два биле активни, четири под контрола, а 20 изгаснати. До пладне, сепак, бројот на активни пожари повторно се зголемил на четири.

Огнот и натаму гори во Сарај, на потегот меѓу селата Копаница и Радуша, каде се зафатени нискостеблеста шума и ниска вегетација.

Активен е и пожарот во Штипско, меѓу селата Селце, Пухче, Степанци и Лакавица, каде гори ниска вегетација.

Нов активен фронт има и во Струшко, каде пожарот ги зафаќа шумските предели кај селата Пискупштина, Луково и Буринец. Во Општина Долнени, кај селото Лажани, исто така гори ниска вегетација.

Под контрола се седум пожари. Два се во Македонски Брод, кај селата Битово, Заград и Страјане и кај Драгов Дол, а пожарникарите ја контролираат состојбата и над Палиград во Зелениково, кај Стиник во Ново Село, Градец во Виница, на градската депонија Острец во Делчево и кај Јеловјане во Боговиње.

Целосно е изгаснат пожарот кај велешкото село Бузалково, каде горело стрниште.

Состојбата покажува дека и по завршувањето на август ризикот од пожари останува висок. Од надлежните повторно апелираат на внимателност, особено поради високите температури и сувата вегетација. Забраната за движење во шумите е продолжена до 30 септември.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дата центри - дали сте информирани, дали поддржувате?