Европските лидери денеска се состануваат во Рованиеми, Финска, со цел да договорат посилен заеднички пристап кон Арктикот, регион кој сè повеќе станува поле на геополитичко, економско и безбедносно натпреварување меѓу Европа, САД, Русија и Кина.
На Европскиот самит за Арктикот учествуваат германскиот канцелар Фридрих Мерц, данската премиерка Мете Фредериксен, високата претставничка на ЕУ Каја Калас и претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта.
Средбата се одржува неколку месеци по сериозните тензии предизвикани од изјавите на американскиот претседател Доналд Трамп дека САД треба да имаат контрола врз Гренланд, автономна територија во состав на Данска. Иако тензиите меѓу Вашингтон и европските сојузници во меѓувреме се намалија, ЕУ сака значително да го зајакне сопственото присуство на северот.
Самитот доаѓа само неколку недели пред Европската комисија да ја претстави новата стратегија за Арктикот. Последниот ваков документ беше усвоен во 2021 година, но безбедносната и економската слика оттогаш драматично се промени.
На дневен ред се безбедноста, природните ресурси, економската соработка и новите поморски маршрути кои стануваат сè подостапни поради топењето на мразот. Формални одлуки не се очекуваат, но лидерите треба да усвојат заедничка декларација која ќе влијае врз конечната европска стратегија.
Посебно внимание е насочено кон Русија, која има големо воено и економско присуство на Арктикот. Кина, иако не е арктичка држава, исто така сè поактивно инвестира и го тестира потенцијалот на северните трговски рути. Топењето на морскиот мраз отвора полесен пристап и до резерви на енергенси и критични минерали.
Европската комисија веќе направи чекор кон зајакнување на врските со Гренланд. Претседателката Урсула фон дер Лаен на почетокот на септември најави пакет вреден 200 милиони евра за островот, наменет за дигитална поврзаност, одржливо рударство, енергетика, туризам, образование, рибарство и домување.
„Гренланд е стратешки сојузник и доверлив пријател“, порача тогаш Фон дер Лаен, најавувајќи поголемо присуство на ЕУ и на Гренланд и во поширокиот арктички регион.
Арктикот истовремено е меѓу регионите најсилно погодени од климатските промени. Температурите таму растат речиси четири пати побрзо од глобалниот просек, што ја менува природната средина, но истовремено отвора нови економски и транспортни можности.
Токму поради комбинацијата од природни ресурси, нови поморски патишта и растечкото воено значење, Арктикот од периферен регион се претвора во едно од новите централни геополитички прашања за Европа.

