Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска изјави дека не очекува предвремени парламентарни избори и дека е убеден оти тие нема да се одржат.
„Според мене, предвремени избори не треба да има и убеден сум дека нема да има“, рече Гаши на редовниот брифинг со новинарите. На прашањето врз што го темели ваквото убедување, тој одговорил дека станува збор за неговата политичка интуиција.
Во однос на новиот Изборен законик, Гаши оцени дека е добро тој да биде донесен без оглед кога ќе се одржат следните избори. Сепак, засега нема конкретна најава кога работната група задолжена за измените ќе продолжи со работа, а според него процесот во моментов е заглавен.
На денешната собраниска координација било разговарано и за отсуството на министри од седниците за пратенички прашања. Од Собранието било побарано Владата да го разгледа проблемот за ваквата практика да не продолжи.
Гаши информирал и дека премиерот Христијан Мицкоски нема да присуствува на следната седница за пратенички прашања поради заминувањето на Генералното собрание на Обединетите нации кон крајот на септември. Поради тоа, дел од координаторите на пратеничките групи побарале седницата да биде презакажана по неговото враќање од Њујорк.

