Охрид е на единствената зачувана карта на римските патишта, еве како бил означен

На единствената зачувана карта на римскиот патен систем, меѓу илјадници места од Европа, Северна Африка и Азија, се наоѓа и античкиот Охрид. Градот е запишан како Lignido, старото Лихнид, и е обележан со впечатлив симбол на градба со две кули.

На овој необичен историски детаљ потсетува страницата My Ohrid, која ја пренесува приказната за местото на Охрид на прочуената Tabula Peutingeriana. документ што овозможува да се види како бил поврзан римскиот свет.

Табулата не е географска карта во денешна смисла. Нејзината цел не била прецизно да ги прикаже бреговите, морињата и вистинските растојанија, туку патиштата, населбите и станиците од системот cursus publicus, државната транспортна и комуникациска мрежа на Римското Царство.

Токму затоа картата повеќе наликува на современите шематски мапи на метро или железнички линии отколку на обичен географски атлас. Таа покажувала како се стигнува од едно место до друго и по кои правци низ огромната империја се движеле патници, војници, трговци, службеници и државни гласници.

На неа античкиот Охрид се појавува под името Lignido, поврзано со старото име Лихнид. Покрај името стои вињета со две кули, еден од симболите со кои на картата биле означувани градовите и патните станици.

Зачуваната Tabula Peutingeriana не е оригинал од римското време. Станува збор за средновековна копија изработена кон крајот на 12 век според многу постар антички приказ, чиј оригинал не преживеал.

Документот се состои од 11 пергаментни сегменти кои, споени, формираат исклучително долг и тесен приказ на тогаш познатиот свет. Денес се чува во Одделот за ракописи и ретки збирки на Австриската национална библиотека во Виена, под ознаката Codex 324.

УНЕСКО ја опишува Tabula Peutingeriana како единствената зачувана карта на римскиот систем cursus publicus. Поради нејзината историска и документарна вредност, во 2007 година била впишана во меѓународниот регистар „Паметење на светот“.

На нејзините пергаментни патишта се наоѓаат градови, провинции и области од Римското Царство, но и територии што се протегаат далеку кон Исток. Меѓу нив свое јасно означено место има и Lignido, градот што денес го познаваме како Охрид.

Тоа мало име покрај двете нацртани кули открива дека Охрид уште во античко време бил дел од големите патишта по кои се движеле луѓе, стоки, армии, пораки и идеи.

Рацин.мк ве прашува:

Дали здравите односи, личните граници и репродуктивното здравје треба да се учат во училиште?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали здравите односи, личните граници и репродуктивното здравје треба да се учат во училиште?