Дел од објектот на ЕУЛЕКС во Приштина бил зафатен од мал пожар доцна синоќа, откако демонстранти фрлале камења, други тврди предмети и пиротехнички средства кон комплексот на мисијата на Европската унија. Пожарот бил брзо изгаснат и нема повредени, соопшти косовската полиција.
Протестите започнаа по изрекувањето на затворските казни за четворица поранешни високи функционери на Ослободителната војска на Косово – Хашим Тачи, Јакуп Красниќи, Кадри Весели и Реџеп Селими.
Специјализираните совети на Косово во Хаг го осудија поранешниот косовски претседател Тачи на 25 години затвор за воени злосторства. Красниќи исто така доби 25 години, Весели 18, а Селими 13 години затвор. Тие беа прогласени за виновни за воени злосторства што вклучуваат незаконско и произволно притворање, сурово постапување, тортура и убиства.
Уште од утринските часови илјадници граѓани се собрале на плоштадите во Приштина и во други градови за да го следат изрекувањето на пресудата. По нејзиното објавување, дел од демонстрантите се упатиле кон објектите на ЕУЛЕКС.
Според косовската полиција, демонстрантите во текот на денот во повеќе наврати се обидувале да се приближат до комплексот и да го пробијат полицискиот кордон. Биле фрлани камења и други предмети кон оградата и објектот, а привремено бил блокиран и патот Приштина – Косово Поле.
Дел од насобраните потоа се вратиле кон центарот на Приштина и протестирале пред зградата на Владата. Полицијата соопшти дека и таму биле регистрирани обиди за пробивање на оградата и фрлање предмети.
Околу 22:30 часот група демонстранти повторно се упатила кон базата на ЕУЛЕКС. Косовскиот медиум Коха објави дека кон зградата биле фрлани камења и пиротехника, при што се запалил мал дел од покривот. Огнот бил изгаснат за кратко време.
Во полициска станица биле приведени две лица. На едното, по одлука на обвинител, му е одреден притвор од 48 часа, додека второто било пуштено во редовна постапка.
Протестите следуваа по пресудата на судот во Хаг, кој утврди дека четворицата поранешни лидери на ОВК биле дел од заеднички криминален потфат во кој биле незаконски притворени најмалку 385 лица. Судот ги осуди за четири точки за воени злосторства, додека обвиненијата за злосторства против човештвото не доведоа до осудителни пресуди. Одбраната најави жалби.
Пресудите предизвикаа силни реакции во Косово, каде Тачи и другите поранешни команданти на ОВК имаат широка поддршка и за дел од јавноста се симболи на војната за независност. Премиерот Албин Курти ја критикуваше пресудата, додека судот нагласи дека постапката се однесува на индивидуалната кривична одговорност на обвинетите, а не на легитимноста на ОВК или на самата војна.

