Србија е меѓу осумте држави што учествуваат во новата Карпатска интеграциона иницијатива, чиј прв самит се одржува денеска во Украина, со фокус на економското, транспортното и инфраструктурното поврзување на поширокиот карпатски регион. На покана на украинскиот претседател Володимир Зеленски, на самитот учествува и српскиот претседател Александар Вучиќ.
Иницијативата, која Зеленски ја претстави како нов формат „C8 – Карпатски осум“, ги поврзува Украина, Србија, Романија, Полска, Словачка, Чешка, Австрија и Унгарија. Европската унија е вклучена како целина.
Според Зеленски, целта е преку новиот формат да се развиваат економските врски, инфраструктурата, инвестициите и соработката меѓу земјите и регионите. Украинскиот претседател уште во август најави дека првиот економски самит на Карпатската интеграциона иницијатива ќе биде посветен на економијата, безбедноста, животната средина и привлекувањето инвестиции, а на него требаше да присуствуваат и повеќе од 500 претставници на бизнис-секторот.
Вучиќ денеска пристигна во Украина и изјави дека Србија во иницијативата гледа можност за отворање нови транспортни и економски врски со земјите од регионот. Тој особено ги посочи врските со Романија и Унгарија, но и со Украина и Полска, како и развојот на железничката и патната инфраструктура и олеснувањето на прекуграничната соработка.
„Време е многу посилно да ги развиваме врските со Карпатскиот регион и Полска“, изјави Вучиќ на самитот, оценувајќи дека Србија предолго се потпирала на просторот на поранешна Југославија и на Западот.
Српскиот претседател најави и дека во пошироката иницијатива треба да се вклучат српски региони, особено Војводина и областите Браничевски, Борски и Зајечарски, поради нивната географска и транспортна поврзаност со Романија и Унгарија.
За Србија, учеството доаѓа и во период на зголемени трошоци за енергенси. Вучиќ пред заминувањето во Украина изјави дека поради високите цени на нафтата и гасот државата ќе мора да донесе дополнителни мерки и да издвојува дополнителни количини дизел од резервите.
Карпатската иницијатива е различен формат од самитот Украина – Југоисточна Европа, во кој Србија исто така учествува. На јулскиот самит во Киев, Вучиќ и Зеленски разговараа и за инфраструктурата, транспортот и можностите за заеднички економски проекти меѓу двете земји.

