ТАВ го укина ограничувањето за бесплатен влез во „Hug & Fly“

аеродром
Sebleouf, CC BY-SA 4.0 , via Wikimedia Commons

ТАВ Македонија го повлече ограничувањето според кое едно возило можеше бесплатно да влезе само еднаш во 24 часа во зоната „Hug & Fly“ на Меѓународниот аеродром Скопје. Одлуката следува откако Комисијата за заштита на конкуренцијата побара дополнителни информации и појаснувања за новиот режим.

Со тоа, возилата повторно можат да ја користат зоната за бесплатно кратко застанување повеќепати во период од 24 часа. Бесплатниот престој до 10 минути за оставање или преземање патници останува во сила.

Ограничувањето беше воведено од 1 септември, кога ТАВ Македонија објави дека секое возило ќе може бесплатно да влезе, транзитира и да се задржи до 10 минути само еднаш во текот на 24 часа. Како причина ТАВ ја наведе потребата од побезбеден и поефикасен пристап до терминалот и непречен проток на сообраќајот.

На 1 септември, пак, Комисијата за заштита на конкуренцијата соопшти дека го анализира новиот режим. Во фокусот беше прашањето дали ограничувањето, имајќи ги предвид условите под кои работат различните такси-превозници и постоењето на посебно овластен аеродромски такси-оператор, може да влијае врз конкуренцијата и пристапот до аеродромската инфраструктура.

Комисијата тогаш нагласи дека со започнувањето на анализата не прејудицира дека постои повреда на правилата на конкуренцијата. Требаше да се испита оправданоста и пропорционалноста на ограничувањето, неговото влијание врз такси-превозниците и дали условите за пристап се еднакви и недискриминаторски.

По барањето на Комисијата за дополнителни појаснувања и релевантни податоци, ТАВ Македонија ја известила дека ја повлекла одлуката за ограничување на бесплатниот пристап на еден влез во 24 часа.

Од Комисијата ја поздравија одлуката и најавија дека ќе продолжат да ја следат состојбата и условите за пристап до аеродромската инфраструктура, особено од аспект на еднакви и недискриминаторски услови за сите учесници на пазарот.

Рацин.мк ве прашува:

Дали здравите односи, личните граници и репродуктивното здравје треба да се учат во училиште?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали здравите односи, личните граници и репродуктивното здравје треба да се учат во училиште?