„Браќа Манаки“ со рекордна програма и гости од светската кинематографија

Утре во Центарот за култура во Битола почнува 47 издание на ИФФК „Браќа Манаки“ започнува, со македонскиот филм „Скејтањето не е за девојчиња“ во режија на Дина Дума. Фестивалот годинава носи рекорден број филмови и едукативни содржини, како и гости од светската кинематографија, меѓу кои Јануш Камински, Семи Капланоглу, Воли Фистер и Тимо Салминен.

    На денешната прес-конференција, директорот на фестивалот Димитрија Доксевски ја истакна богатата програма и големиот број гости, покрај годинешните лауреати Ден Лаустсен и Џеф Кроненвет.

    „Годинава имаме импресивна програма со рекорден број филмови и едукативни содржини. Имаме прекрасни автори и огромна бројка на гости на ова издание“, рече Доксевски.

    Како новина годинава е најавено киното на отворено во Музејот на Битола, каде публиката бесплатно ќе може да ја следи макпоинт програмата.

    Проекциите од главната селекција ќе се одржуваат во Центарот за култура, каде за фестивалот е обезбедена нова проекциска опрема – платно и проектор. Организаторите очекуваат тоа да придонесе за подобар квалитет на проекциите.

    Фестивалот годинава започнува и соработка со Европската филмска академија, преку нејзиниот Cinematographers Chapter, кој работи на промоција и поддршка на кинематограферите.

    Претседателката на Друштвото на филмски работници на Македонија, Марија Димитрова, најави серија панели посветени на работата на кинематограферите, техничките услови во кои работат и други прашања поврзани со професијата.

    Првиот панел ќе се одржи на 21 септември, а меѓу учесниците ќе бидат кинематограферите Тимо Салминен и Јануш Камински.

    Димитрова ја истакна и важноста на враќањето на макпоинт програмата во официјалната фестивалска програма, во која годинава се вклучени повеќе македонски филмови.

    „Во неа имаме многу македонски филмови и сметам дека тоа е мошне важно за македонската кинематографија и за да може нашата публика да ги види филмовите“, рече Димитрова.

    Таа им се заблагодари на тимот на фестивалот, Агенцијата за филм, генералниот спонзор А1, останатите спонзори и Општина Битола за поддршката во реализацијата на фестивалот.

    ИФФК „Браќа Манаки“ ќе се одржува во Битола, со програма што покрај филмските проекции вклучува и панели, едукативни содржини и средби со домашни и странски филмски професионалци.

      Рацин.мк ве прашува:

      Дали здравите односи, личните граници и репродуктивното здравје треба да се учат во училиште?

      Најчитано

      Рацин.мк ве прашува:

      Дали здравите односи, личните граници и репродуктивното здравје треба да се учат во училиште?