Премиерот Христијан Мицкоски ги отфрли идеите за повлекување од меѓународните договори и преговори со Бугарија и најави дека Владата ќе бара решение со посредство на Европската Унија. Во интервју за МИА од Вашингтон тој првпат зборуваше и за „радикални елементи“ во сопствената политичка структура кои очекуваат поинаков пристап.
Според Мицкоски, еднострано напуштање на веќе преземените меѓународни обврски не е реална опција.
„Очекувањата на некои радикални елементи во нашата структура за повлекување од меѓународни договори и преговори – тоа би било идеално доколку сме ние сами на овој свет, но не сме сами“, рече тој.
Наместо раскинување на договорите, Мицкоски вели дека Македонија треба преку аргументи и дипломатска борба да се обиде да врати дел од позициите за кои смета дека биле изгубени од претходните влади.
Тој нагласи дека Владата е подготвена да разговара и да прифати аргументи од другата страна доколку тие бидат посилни, додавајќи дека Скопје „не се инаети“ и не настапува тврдоглаво. Сепак, условува евентуален нов процес со јасна перспектива.
„Никогаш нема да влезам во процес без да имам предвидлив крај“, рече Мицкоски.
Нов момент во неговиот пристап е барањето Европската Унија директно да биде присутна во разговорите со Софија.
Мицкоски рече дека Македонија е подготвена да разговара за усогласување на акциски план за малцинствата, но инсистира разговорите да се водат во присуство на меѓународната заедница. Според него, ако Скопје и Софија разговараат сами, тоа дополнително би го потврдило македонскиот став дека спорот е билатерален.
„Потребно е да имаме уште еден на масата. Еве тоа нека биде претставник можеби од страна на Европската Унија“, рече премиерот.
Тој смета дека пред нова фаза од разговорите прво треба повторно да се изгради доверба меѓу Македонија и Бугарија и дека тоа мора да биде процес во кој ќе постои волја од двете страни.
Односите со Бугарија, според Мицкоски, се веќе тема во разговорите со претставници на Европскиот совет и Европската комисија, вклучително и со претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта и високата претставничка на ЕУ Каја Калас.
Македонија во моментов не може да го отвори следниот дел од пристапните преговори со ЕУ без уставните измени со кои Бугарите треба да бидат внесени во Уставот. Оваа обврска е дел од преговарачката рамка договорена со ЕУ во 2022 година, додека Владата бара дополнителни гаранции дека по евентуалното исполнување на условот нема да следуваат нови билатерални блокади.
Последната изјава на Мицкоски затоа покажува две паралелни линии во владината политика – нема откажување од постојните меѓународни договори и од разговорите со Софија, но нема ниту прифаќање нов чекор без, како што вели премиерот, „предвидлив крај“ и посилно вклучување на ЕУ во процесот.

