Грчкиот поет Сотирис Минас, кој самостојно го научил македонскиот јазик, денеска во Скопје ја промовираше својата прва поетска збирка објавена во Македонија – „Раскинување на договорот“, во која неговите песни паралелно се отпечатени на грчки и на македонски, во препев на самиот автор.
Промоцијата во книжарницата на „Матица македонска“ привлече публика и надвор од просторот на книжарницата. Изданието е објавено по иницијатива на поетот и издавач Раде Силјан, кој е и главен уредник на книгата.
Особеноста на книгата не е само во тоа што е двојазична. Минас нема македонско потекло, а македонскиот го научил по сопствен избор, по што решил самиот да ги препее своите песни. Својата одлука првата стихозбирка да ја објави во Македонија ја нарекува „свесен чин на правда“.
Пред публиката тој рече дека при проучувањето на историјата на македонскиот народ во неа препознал дел од сопственото лично искуство, а учењето на јазикот го опиша како свесен, политички и хуманистички чин.
„Раскинување на договорот“ не е, сепак, книга само за јазикот и идентитетот. Во песните се отвораат теми за љубовта, загубата, ранливоста, стравот и обидот човек да се ослободи од туѓите мерила и од ограничувањата што му се наметнуваат.
Самиот наслов произлегува од таа идеја. Во авторската белешка Минас зборува за „договор“ склучен без негово знаење, кој му наметнувал потчинетост, а неговото симболично раскинување го претставува како ослободување од таквата положба.
За книгата говореше писателот и книжевен критичар Иван Антоновски, кој посочи дека нејзината вредност е и во тоа што двата јазика во неа постојат еден покрај друг, без едниот да го поништува другиот.
Минас веќе е познат на македонската публика и по песната „Ми го одзедоа јазикот – македонскиот“, инспирирана од стиховите на нобеловецот Одисеас Елитис. Нејзиното читање на Струшките вечери на поезијата беше еден од моментите преку кои тој јавно го отвори прашањето за јазикот, паметењето и достоинството.
Освен како поет, Минас работи и како преведувач, обидувајќи се македонската книжевност да ја доближи до грчките читатели, а грчкото творештво до македонската публика.
Со „Раскинување на договорот“, тој тој дијалог го пренесе и на самата страница – исти стихови, два јазика и автор кој решил преводот да не му го препушти на друг.

