Праисториската наколна населба Мрдаја кај Стар Дојран можеби е значително постара отколку што досега се сметаше. Новите археолошки истражувања укажуваат дека животот на локалитетот започнал уште во средното бронзено време, во првата половина на вториот милениум пред нашата ера – повеќе од 3.500 години од денес.
Досегашните сознанија ја сместуваа населбата главно во доцното бронзено време и во преодниот период кон железното време. Истражувањата од претходните години ја датираа Мрдаја приближно во периодот од 13 до 11 век пред нашата ера, но новите наоди ја поместуваат хронологијата неколку века наназад.
Годинашните истражувања ги спроведува НУ „Завод и музеј – Струмица“, под раководство на археологот Зоран Рујак, со поддршка од Министерството за култура и туризам. Тимот се обидува попрецизно да ги утврди големината на населбата, нејзината организација и периодот во кој луѓето живееле на брегот и над водите на Дојранското Езеро.
Според информациите од Заводот и музеј – Струмица, уште на почетокот на новата кампања биле пронајдени археолошки показатели што упатуваат на живот во населбата уште во средното бронзено време. Тоа значи дека Мрдаја не била населена само во доцната фаза на бронзеното време, како што покажуваа претходните истражувања.
Наколната населба била изградена со дрвени конструкции и платформи поставени над или непосредно покрај езерото. Претходните истражувања открија дрвени колци, керамика, бронзени предмети и садови за складирање храна, што овозможува реконструкција на секојдневниот живот на заедницата. Истражувањата на Мрдаја се документирани уште од 2012 година, кога започнаа заштитните археолошки ископувања на локалитетот.
Меѓу позначајните претходни откритија е и фрагмент од керамички сад со претстава на сонце, датиран пред повеќе од 3.200 години. Археолозите го оценија како редок пример на богато украсена керамика од доцното бронзено време.
Новите истражувања носат сознанија и за контактите што жителите на Мрдаја ги имале со други населби. Одредени предмети и карактеристики на материјалната култура се поврзуваат со бронзенодобната населба кај Цареви Кули во Струмица, што според археолозите укажува на пошироки контакти и размена меѓу тогашните заедници.
Значењето на Мрдаја не е само во староста на локалитетот. Наколните населби се релативно редок тип праисториски населби во Македонија, а остатоците во Дојран овозможуваат истражување на начинот на кој луѓето се приспособувале на живот непосредно до езерото.
Паралелно со ископувањата се подготвува и Основен проект за Музеј на вода во Дојранското Езеро. Министерството за култура и туризам уште во 2025 година најави реконструкција на дел од праисториската наколна населба како музеј на отворено, а според најновите информации изработката на проектот е во тек.
Замислата е археолошкиот локалитет да биде претставен преку реконструирани наколни објекти и изложбен простор над езерото, со што Мрдаја би добила и туристичка и едукативна функција.
Новите наоди сè уште треба детално да се обработат и научно да се датираат, но досегашните резултати веќе ја прошируваат познатата хронологија на локалитетот и покажуваат дека животот крај Дојранското Езеро во бронзеното време започнал порано отколку што досега се претпоставуваше.

