Македонскиот рубин треба да добие соодветна институционална заштита како дел од природното наследство на земјата, порача министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, посочувајќи дека државата има обврска да го зачува овој минерал и да обезбеди негово одржливо користење.
Божиновска денеска остварила работна средба со претставници на Рударско-геолошкиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип и со претставници на компанијата „Деан Дира“, на која се разговарало за значењето, потеклото и можностите за заштита и промоција на македонскиот рубин.
Според Министерството, на средбата било разговарано за потребата од стручно дефинирање на карактеристиките на рубинот, неговото геолошко потекло и можностите за воспоставување механизми за негова заштита.
Божиновска оцени дека македонскиот рубин не треба да се третира само како минерална суровина, туку и како дел од природното наследство на Македонија.
„Македонскиот рубин е дел од нашето природно наследство. Наша обврска е да го заштитиме, да го промовираме и да создадеме услови неговата вредност да биде препознаена и во земјата и надвор од неа“, изјави Божиновска.
На средбата било посочено и дека со соработка меѓу институциите, академската заедница и приватниот сектор може да се создадат услови за поголема препознатливост на македонскиот рубин, но и за негово одговорно и одржливо искористување.
Македонскиот рубин е природен минерал кој се среќава на територијата на Македонија, а неговата препознатлива розово-црвена боја е поврзана со присуството на хром во минералот корунд. Во изминатите години тој се користи и за изработка на накит и сувенири, со што постепено добива и препознатливост како производ поврзан со земјата.
Од Министерството не се наведени конкретни рокови ниту каков правен или институционален модел на заштита се разгледува.

