Поскапувањето на дизелот на 104,5 денари за литар ќе претставува нов удар врз семејните буџети, земјоделците, превозниците и целата економија, реагира денеска СДСМ.
Од опозициската партија велат дека навреме предложиле конкретни мерки за намалување на цените на горивата и за заштита на животниот стандард, но дека Владата предводена од премиерот Христијан Мицкоски не ги прифатила.
Меѓу предложените мерки, според СДСМ, биле укинување на акцизата за горивата, намалување на ДДВ на пет проценти и зголемување на минималната плата на 600 евра.
„Секое полнење на резервоарот е нов трошок за граѓаните. Поскапиот дизел значи поскап транспорт, поскапо земјоделско производство и нов бран поскапувања на храната и на сите основни производи“, наведува партијата.
СДСМ ја обвинува Владата дека троши милионски суми за настани, тендери и патувања, додека, како што велат, нема средства за мерки со кои би се заштитиле граѓаните, земјоделците и работниците.
Од партијата тврдат дека потрошувачката кошничка достигнала 90.000 денари, додека платите на голем број граѓани не се доволни за покривање на основните потреби.
„Додека граѓаните преживуваат со плати што не стигнуваат ни за основните потреби, Владата профитира од секое ново поскапување“, се наведува во партиското соопштение.
Според најновата одлука на Регулаторната комисија за енергетика, дизелот поскапува за 5,50 денари и од 22 септември ќе се продава по највисока малопродажна цена од 104,50 денари за литар. Во пресметката е применета намалена акциза за четири денари и повластена стапка на ДДВ од 10 проценти.

