Кој е ходникот на стратешкото партнерство: Мицкоски со Рубио од нога, амбасадорот Попов спортски “у пролазу”

Мицкоски го претстави разговорот со Марко Рубио како потврда на стратешкото партнерство со САД. Снимката, пак, покажува краток контакт на нозе во преполн простор, додека амбасадорот Зоран Попов во позадина се појавува облечен во спортски аутфит, како за вечерна прошетка низ маало.

Мицкоски со Рубио разговарал во Њујорк, но објавеното видео не открива официјална сала, маса за разговори, државни знамиња или протоколарна поставеност. Наместо тоа, премиерот и американскиот државен секретар се гледаат на нозе, меѓу повеќе присутни лица, во простор кој повеќе наликува на хотелски ходник отколку на сала за билатерална средба.

Не е спорно дека разговор имало. Спорно е што може да се изразговара во 50 секунди и зошто јавноста не доби ниту еден конкретен протоколарен податок за средбата која Владата ја претставува како дипломатски настан од високо ниво.

„Разговор со државниот секретар на Соединетите Американски Држави, Марко Рубио. Македонско-американско стратешко партнерство“, напиша Мицкоски на социјалните мрежи.

Зад големите зборови, видеото покажува многу поскромна сцена. Рубио стои меѓу повеќе лица, Мицкоски му приоѓа, а контактот се одвива во движење. Од објавените кадри не може да се утврди кои теми биле отворени и дали постоеле претходно договорени агенда и состав на делегациите.

Во позадина на видеото се забележува и македонскиот амбасадор во САД, Зоран Попов. Тој е облечен во бела маица, спортска јакна, темни панталони и спортски патики.

Облеката сама по себе не ја определува политичката тежина на еден разговор. Но кога премиерот претставува краток контакт како потврда на „директна комуникација на високо политичко ниво“, тогаш и протоколот, местото, составот на делегацијата и начинот на кој државата е претставена стануваат дел од јавниот интерес.

Кадарот со амбасадорот во спортско издание дополнително го засилува впечатокот дека делегацијата не се подготвувала за формален билатерален состанок со американскиот државен секретар, туку дека до разговорот дошло на маргините односно во ходникот.

Рацин.мк ве прашува:

Што ќе ни донесе вештачката интелигенција во следните пет години?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Што ќе ни донесе вештачката интелигенција во следните пет години?