ДРАГАН МИШЕВ
Ете, и Бугарија си легна на брашно. Си дојде бугарскиот министер за внатрешни, се поклони пред македонското знаме и гардата, го изгушка својот македонски колега, и заеднички си ветија дека нема да дозволат инциденти на чествувањето за Гоце Делчев.
На бугарска телевизија, среде Бугарија, бугарски пратеник (според моменталните тамошни „настројки“ не се знае дали е позиција или опозиција) им ја кажа на Бугарите вистината која голем број од нив секако ја знаат, но не сакаат да си ја признаат – тепаниот е македонски граѓанин, кој нема (сè уште) бугарски пасош, а бил натепан од бугарски граѓанин кој добил бугарско државјанство… (патем, обајцата поранешни и сегашни членови на УМС и ДПМНЕ).
Истиот ден, бугарскиот амбасадор во Северна Македонија, кој предходно,„ничим изазван“ беше повлечен на консултации во Бугарија на неодредено време, си се врати на своите должности во амбасадата во Скопје… Леси се враќа дома.
Навидум, работите си влегуваат во нормален колосек (со многу дупки по патот, секако).
Еврибади хепи…
Само домашните џукели продолжуваат да џавкаат.
Ги здоболе до коска тоа што (повторно) им се изјаловија надежите за ескалација на состојбата, за „неспособноста“ на Владата да се справи со наметнатиот проблем, за минирање на напорите за решавање на добрососедските односи, за прекин на преговорите за пристапниот процес на државава во ЕУ… и, разбира се, за предвремени избори…
Тоа му доаѓа како кога по неправедно досуден пенал, капитенот (с)илеџија шутира со шпиц, ја погодува стативата и топката завршува во гол аут.
Извор: ЦивилМедиа