Србија ќе пушти 5.000 тони дизел од државните резерви на пазарот за да обезбеди доволно гориво во октомври и да спречи нарушување на снабдувањето.
Одлуката доаѓа во момент кога нафтените компании се соочуваат со поскап увоз. Цената на дизелот на светските пазари надмина 1.500 долари за тон, а дополнителен проблем претставуваат и повисоките транспортни трошоци.
Поради нискиот водостој на Дунав, дел од увозот на нафтени деривати се пренасочува кон железнички транспорт, што дополнително ја зголемува цената на набавката.
Српските власти велат дека домашната рафинерија на НИС работи со полн капацитет, но дека увозот е намален, па државата одлучила да го покрие недостигот со дел од резервите.
Според министерката за рударство и енергетика Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ, станува збор за минимално потребната количина за да продолжи снабдувањето без прекини.
Владата најавува дека ќе продолжи да го следи пазарот и да интервенира доколку биде потребно. Меѓу мерките што веќе се применуваат се намалувањето на акцизите и ограничувањето на извозот на нафтени деривати.
И покрај повлекувањето на 5.000 тони, според властите, државните резерви ќе останат на високо ниво. Во однос на 2022 година, резервите на нафтени деривати се зголемени двојно.

