Граѓаните живеат со 26.000 денари додека власта троши милиони евра за прослави, оцени членката на раководството на СДСМ, Каја Шукова, во гостувањето во „24 анализа“ на ТВ 24. Таа ја обвини Владата на ВМРО-ДПМНЕ дека не презема доволно мерки против растот на животните трошоци, а истовремено ја задолжува државата и троши големи суми за настани што не го подобруваат стандардот.
Според Шукова, синдикалната минимална кошничка се приближила до 70.000 денари, додека за семејствата што плаќаат кирија месечните трошоци надминуваат 90.000 денари. Наспроти тоа, минималната плата останува околу 26.000 денари, што ја продлабочува разликата меѓу приходите и сумата потребна за покривање на основните потреби.
СДСМ по третпат предлага минималната плата да се зголеми на 600 евра. Шукова оцени дека политичката дебата треба да биде насочена кон приходите на работниците и помошта за ранливите семејства, наместо кон оправдување на милионските трошоци за прослави.
„Наместо да ги израдуваме граѓаните и да им кажеме дека ќе добијат минимална плата од 600 евра, која по третпат како закон ја поднесуваме во Собранието, ние се расправаме зошто се потрошени 5,5 милиони евра за Гета и за прославите за 35 години независност, кога тие пари можеа да бидат насочени кон социјално загрозените категории“, рече Шукова.
Таа предупреди и на новите задолжувања на државата, посочувајќи го унгарскиот кредит како една од темите за кои опозицијата бара дополнителни одговори. Според неа, начинот на кој бил обезбеден кредитот е предмет на проверки во Унгарија, поради што македонската јавност треба да добие прецизни информации за условите, распределбата и трошењето на парите.
Во интервјуто Шукова зборуваше и за внатрепартиската консолидација на СДСМ. Таа потврди дека Централниот одбор го избрал градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, за нов потпретседател на партијата.
Коментирајќи ја „Платформа 12,5“, зад која стојат поранешни функционери и членови на СДСМ, Шукова праша каде биле нејзините иницијатори во периодот кога партијата се обидувала да се стабилизира и да се подготви за локалните избори.
„Дали тогаш му помогнаа на СДСМ или беше поедноставно да се повлечат и да го рушат рејтингот на партијата? Вратите на СДСМ се отворени за секој член, но за сите прашања се дискутира во телата на партијата на Бихаќка, а не преку социјалните мрежи и медиумите“, изјави Шукова.
Таа додаде дека во СДСМ има простор за различни мислења, критики и спротивставени ставови, но откако партиските тела ќе донесат одлука, членовите треба да настапуваат единствено.
Една од темите во „24 анализа“ беше и договорот за лобирање во Соединетите Американски Држави. Шукова ги повтори тврдењата на СДСМ дека приватна компанија од оружениот сектор плаќа 1,5 милиони долари за лобистички услуги поврзани со Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
„Нормално е една влада да има лобисти во странска држава и самата да си ги подмирува трошоците. Не е нормално приватна фирма да плаќа лобисти за некоја влада во странство“, порача таа.
Околу евроинтеграциите, Шукова рече дека СДСМ ќе ја поддржи секоја сериозна иницијатива што може да го деблокира патот на Македонија кон Европската Унија. Таа, сепак, оцени дека ВМРО-ДПМНЕ пред изборите создавала очекувања дека може да ја промени преговарачката рамка, но по доаѓањето на власт не успеала да обезбеди поинакви услови.
Според неа, пораките од меѓународните претставници се дека Македонија мора да ги исполни обврските од преговарачката рамка доколку сака да ги продолжи пристапните преговори.
Шукова го повтори и ставот дека СДСМ нема да бара предвремени парламентарни избори и нема да ѝ служи како алиби на власта за ново гласање.
„Како што изјави и претседателот Венко Филипче, имајќи ги предвид високиот дефицит и состојбите во буџетот, предвремени избори ќе има тогаш кога ќе снема пари во буџетот“, рече Шукова.
На крајот од гостувањето, таа побара пратеничките групи без дополнително одложување да ја конституираат Анкетната комисија за трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Според Шукова, комисијата треба да им овозможи на семејствата на загинатите да добијат одговори за институционалните пропусти и околностите што довеле до трагедијата.

