„Слепци“ на Турскиот театар освои четири награди на фестивалот во Драч

Претставата „Слепци“ на Турскиот театар од Скопје освои четири награди на првото издание на меѓународниот театарски фестивал „Dyrrachium International Theater Festival“ во Драч, меѓу кои и признанијата за најдобра претстава и најдобра режија.

„Слепци“, во режија на Ќендрим Ријани, беше прогласена за најдобра претстава на фестивалот, а Ријани ја доби наградата за најдобра режија. Ансамблот на Турскиот театар беше награден и за најдобра колективна актерска изведба, додека актерката Сузан Акбелге доби специјално признание од жирито за актерска изведба.

Фестивалот се одржа од 15 до 25 септември во Драч, а во неговото прво издание учествуваа шест театарски трупи од Македонија, Албанија, Турција, Косово, Бугарија и Романија. Претставите се играа во Античкиот амфитеатар и во Етнографскиот музеј во градот.

Токму „Слепци“ го отвори фестивалот на 15 септември. Претставата ја следи приказната на единаесет слепи луѓе кои се наоѓаат во непознат простор и, обидувајќи се да го пронајдат патот назад, се соочуваат со сопствените стравови, сеќавања и минато.

Претставата е создадена врз основа на истоименото дело на белгискиот драматург Морис Метерлинк и книгата „Погубни идентитети“ на Амин Малуф. Во актерската екипа се Џенап Самет, Хакан Даци, Јеткин Сезаир, Сузан Акбелге, Фунда Ибрахим, Несрин Таир, Слаѓана Вујошевиќ, Емине Халил, Зубејде Али, Инес Радончиќ и Един Јакуповиќ. Музиката е на Емрах Џемаили, а костимографијата на Медина Хоџа и Маја Ѓуреска.

Ова не е прво признание за „Слепци“. На Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп во 2025 година претставата освои повеќе награди, меѓу кои признание за режија за Ќендрим Ријани, награда од публиката со просечна оценка 5,00 и награда за млада актерка за Слаѓана Вујошевиќ.

На годинашниот фестивал во Драч, „Слепци“ освои најмногу признанија меѓу учесниците. За најдобар актер беше избран Алфред Требицка, додека меѓу останатите наградени беше и Луиза Џувани, која го доби признанието за најдобра актерка.

Рацин.мк ве прашува:

Што ќе ни донесе вештачката интелигенција во следните пет години?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Што ќе ни донесе вештачката интелигенција во следните пет години?