Патувањето во некои од најпосетуваните европски градови станува поскапо, а туристичките и хотелските такси сè повеќе треба да се пресметуваат како посебна ставка во буџетот за одмор. Во дел од метрополите давачката достигнува и 12 евра по лице за една ноќ, додека други наплаќаат процент од вредноста на сместувањето.
Милано е еден од градовите што годинава ги промени тарифите. Од 1 април 2026 година туристите во хотелите со една ѕвезда плаќаат 3 евра по лице за ноќ, во хотелите со две ѕвезди 4 евра, со три 7 евра, со четири 10 евра, а во хотелите со пет ѕвезди таксата достигнува 12 евра.
Тоа значи дека за двајца туристи кои ќе поминат пет ноќи во хотел со четири ѕвезди, само туристичката такса може да изнесува дополнителни 100 евра.
Амстердам има поинаков модел. Наместо фиксна сума, градот наплаќа туристичка такса од 12,5 проценти од цената на ноќевањето, без ДДВ. Така, со растот на цената на хотелот автоматски расте и износот што туристот дополнително го плаќа.
Барселона, исто така, е меѓу европските градови во кои туристите плаќаат комбинација од регионална и градска туристичка такса, при што конечниот износ зависи од видот и категоријата на сместувањето.
Нови давачки има и во други европски дестинации. Единбург од 24 јули 2026 година воведе туристичка такса од 5 проценти од цената на сместувањето, која се пресметува за најмногу пет последователни ноќевања. Системот се однесува на резервации направени од 1 октомври 2025 година натаму.
Зад зголемувањето и воведувањето на ваквите давачки не стои само желбата за дополнителни приходи. Голем број туристички центри се обидуваат со нив да обезбедат средства за инфраструктурата и услугите што ги користат посетителите, но и да го намалат притисокот што масовниот туризам го создава врз локалното население.
Најдалеку во таквиот пристап оди Венеција, која веќе експериментира со наплата и за посетителите што во градот доаѓаат само на еден ден.
Во 2026 година влезот во одредени денови чинеше 5 евра за оние што плаќаа навреме и 10 евра за посетителите што се пријавуваа непосредно пред доаѓањето. Годинашниот период на наплата заврши на 26 јули.
Но, градските власти веќе разгледуваат многу повисока цена за 2027 година. Според Reuters, една од опциите е максималната влезница за дневните посетители да достигне 30 евра. Конечната одлука сè уште не е донесена.
За патниците од Македонија, на овие локални трошоци во иднина ќе им се додаде и ETIAS. Тоа не е туристичка такса ниту виза, туку електронско одобрение за патување за државјаните на земјите што имаат безвизен режим со државите опфатени со системот.
Цената на ETIAS е утврдена на 20 евра, а од плаќање ќе бидат ослободени лицата помлади од 18 и постари од 70 години. Одобрението, по правило, ќе важи три години или до истекот на пасошот со кој е поднесена апликацијата.
Важно е, сепак, дека ETIAS сè уште не е во функција и апликации во моментов не се примаат. Европската Унија најавува негово воведување во последниот квартал од 2026 година, по стартот на системот за влез и излез – EES.
За туристите ова значи дека цената прикажана за хотелот сè почесто не е и конечната цена на патувањето. Кај семејство или подолг престој, локалните туристички такси можат да додадат десетици, па и повеќе од сто евра на вкупната сметка.

