Илон Маск повторно предизвика големо внимание на X откако сподели футуристичко видео во кое луѓето и вештачката интелигенција заеднички градат цивилизација што се протега од Земјата до други светови во Сончевиот систем.
„Ова е иднината што ќе ја создадеме“, напиша Маск споделувајќи го краткиот филм „Age of Beyond“ на канадскиот режисер и дигитален автор Азе Алтер.
Видеото не е нов проект на Маск, ниту на Tesla или SpaceX. Станува збор за авторски научнофантастичен филм создаден со помош на алатки за вештачка интелигенција, кој првично беше објавен во април 2025 година. Маск го сподели повторно на 20 септември годинава.
Во нешто повеќе од три минути е прикажана иднина во која човечката цивилизација најпрво ја проширува својата инфраструктура на Месечината, а потоа создава градови на Марс, користи ресурси од астероидниот појас и стигнува до Венера и месечините на Јупитер. Во целата приказна луѓето и вештачката интелигенција се претставени како партнери во освојувањето на вселената.
Авторот Азе Алтер при изработката користел повеќе генеративни алатки, меѓу кои Luma, Kling, Runway, ElevenLabs, MiniMax и Midjourney. Неговата основна порака при оригиналното објавување била дека потенцијалот на човештвото може да биде неограничен доколку луѓето се обединат.
Споделувањето на видеото предизвика поделени реакции на X. Дел од корисниците ја поздравија оптимистичката визија за технолошкиот развој и вселенското истражување, додека други реагираа со скепса кон идејата за толку длабока зависност од вештачката интелигенција.
Пораката е во согласност со повеќегодишните јавни настапи на Маск, во кои тој зборува за проширување на човечката цивилизација надвор од Земјата. Сепак, „Age of Beyond“ останува уметничка и научнофантастична визија, а не план со конкретни рокови или најавен технолошки проект

