Околу 69 милиони албански леки, односно повеќе од 700.000 евра, наменети за исплата на пензии и социјална помош, се во центарот на истрагата за финансиски злоупотреби во филијалата на Албанската пошта во Драч. Истрагата опфаќа три поранешни службенички, а еден од клучните докази се снимките од безбедносните камери на кои се гледа движење на вреќи и пакети со пари.
Поранешната директорка на филијалата, Елизабета Матај, по повеќе од два месеца во притвор сега е префрлена во домашен притвор, откако Судот во Драч ја промени мерката за обезбедување. Таа е под истрага заедно со поранешната раководителка на финансии Валбона Дуни и благајничката Паола Дана.
Случајот беше откриен во јули, кога албанската полиција соопшти дека 69 милиони леки што требало да стигнат до поштенските филијали во Шијак и Круја не биле евидентирани во нивните каси. Парите биле наменети за исплата на пензии и социјална помош на граѓаните. Трите службенички беа уапсени во полициската операција „Филијала“.
Истрагата открила серија трансакции во април и мај годинава. Според истражното досие објавено од албанските медиуми, во документацијата парите биле прикажувани како испратени од Драч кон филијалите во Шијак и Круја, но контролата утврдила дека средствата не пристигнале таму.
Особено внимание привлекуваат снимките од камерите во поштата. На нив, според истражното досие, во повеќе наврати се гледа како вреќи или пакети со пари се земаат од касата и се носат во канцелариите на раководните лица. Во еден од документираните случаи, вреќа со пари донесена со обезбедување од банка била однесена во канцеларијата на тогашната директорка.
Во друг случај од 21 мај, според истото досие, пакет со банкноти бил однесен во канцеларијата на Матај, а службеничката која го внесла потоа излегла без пакетот. Истражителите ги споредувале снимките со платните налози и другата финансиска документација.
На рочиштето во јули, тогашната раководителка на финансии Дуни изјавила дека парите ги преземала директорката во нејзината канцеларија. Матај, пак, на прашањето на судот каде завршиле 69-те милиони леки одговорила дека не знае. Станува збор за искази дадени во рамки на постапката, а не за правосилно утврдени факти.
Судот првично ја остави Матај во притвор, додека за Дуни и Дана определи домашен притвор. Сега и мерката за поранешната директорка е ублажена во домашен притвор.
Истрагата продолжува и треба да утврди каде завршиле парите, како била спроведена шемата и дали во неа биле вклучени и други лица.

