Кошта во ОН: Заканите и нападите врз МКС се неприфатливи

Претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта порача пред Генералното собрание на Обединетите нации дека заканите и нападите врз Меѓународниот кривичен суд, неговите функционери и вработени се неприфатливи.

Говорејќи во име на Европската унија, Кошта рече дека меѓународното право мора да се применува еднакво и дека не смее да има двојни стандарди кога станува збор за одговорноста за неговото прекршување.

Тој нагласи дека ЕУ ќе продолжи да ги поддржува Меѓународниот суд на правдата и Меѓународниот кривичен суд и да ги брани нивната независност, интегритет и способност непречено да ги извршуваат своите мандати.

„Одговорноста не може да зависи од политичка целисходност“, порача Кошта, додавајќи дека меѓународното, хуманитарното право и човековите права мора да важат подеднакво во Украина, Блискиот Исток, Африка, Азија и Латинска Америка.

Кошта во говорот побара и реформа на Обединетите нации, вклучително и на Советот за безбедност, со цел светската организација да стане поефикасна и порепрезентативна во услови на сè поголеми геополитички поделби.

Тој ја промовираше и иницијативата „Партнери за мултилатерализам“ – P4M, која ЕУ ја започна со Австралија, Барбадос, Бразил, Канада, Индија и Кенија, како платформа за поголема меѓународна соработка и заштита на мултилатералниот систем.

Осврнувајќи се на Украина, Кошта повика на прекин на руската војна и создавање услови за сеопфатен и траен мир, додека за Блискиот Исток повторно ја истакна поддршката на ЕУ за решение со две држави – Израел и независна Палестина кои би живееле во мир и безбедност.

Во делот посветен на глобалните предизвици, Кошта порача и дека ниту една држава не може сама да се справи со прашањата како климатските промени, пандемиите, синџирите на снабдување и регулирањето на вештачката интелигенција, поради што, според него, меѓународната соработка останува неопходна.

Рацин.мк ве прашува:

Што ќе ни донесе вештачката интелигенција во следните пет години?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Што ќе ни донесе вештачката интелигенција во следните пет години?