Координаторот на пратеничката група на Левица, Борислав Крмов, на средба со претставници на Европскиот парламент го отвори прашањето за Изборниот законик и платеното политичко рекламирање, тврдејќи дека сегашните правила ја ставаат неговата партија во нерамноправна положба во изборниот процес. Средбата се одржала во рамките на 25. состанок на Мешовитиот парламентарен комитет Македонија – Европска Унија.
Според соопштението на Левица, во разговорите за реформската агенда на Владата, Крмов оценил дека бројот на донесени реформи сам по себе не е показател за нивниот демократски и правен квалитет. Како примери ги посочил Законот за Судскиот совет и Законот за рестриктивни мерки, тврдејќи дека начинот на нивното подготвување и менување покажува слабости во законодавниот процес.
Главен дел од разговорот, според партијата, бил посветен на Изборниот законик и распределбата на платеното политичко рекламирање – ППР.
Левица тврди дека, иако по последните парламентарни избори има шест пратеници и сопствена пратеничка група, правилата за распределба на ППР не ѝ овозможиле пристап до платено политичко рекламирање на локалните избори.
Спорот околу ова прашање не е нов. Левица претходно го оспори Упатството на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за локалните избори во 2025 година. Во постапката пред Уставниот суд партијата тврдеше дека начинот на кој АВМУ ги толкувала одредбите од Изборниот законик довел до тоа Левица, како опозициска партија, и ЗНАМ, како партија од власта, да бидат исклучени од платеното политичко рекламирање.
Уставниот суд во своите документи го пренесува ставот на Левица дека ваквата распределба не обезбедува рамноправност и политички плурализам. Тоа, сепак, е правната позиција на партијата во постапката, а не судска констатација дека била извршена дискриминација.
Крмов на средбата со претставниците на Европскиот парламент го посочил и примерот со изборите за градоначалник на Скопје. Кандидатот на Левица, Амар Мециновиќ, влезе во вториот круг, но партијата тврди дека немала пристап до ППР, додека противкандидатот поддржан од ВМРО-ДПМНЕ можел да користи платено политичко рекламирање. Крмов истото прашање јавно го отвори и оваа недела, најавувајќи иницијатива за промена на системот на ППР.
Според партиското соопштение, претставниците на Европскиот парламент изразиле загриженост по информациите што им ги презентирал Крмов и најавиле дека прашањето за изборното законодавство и третманот на Левица ќе биде нотирано во нивните извештаи. Засега нема посебно јавно соопштение од Европскиот парламент со кое независно би се потврдиле формулациите што Левица ги пренесува од разговорот.
Прашањето за моделот на финансирање на политичкото рекламирање е предмет на критики и надвор од Левица. Во ревизорскиот извештај за парламентарните избори во 2024 година, Државниот завод за ревизија оцени дека распределбата на средствата за ППР според принципот 45-45-7-3 проценти не обезбедува објективни критериуми за распределба на јавните средства и им дава значителна предност на најголемите парламентарни партии.
Крмов на средбата го повторил и ставот на Левица дека европската интеграција треба да се темели на дипломатија, соработка и мир, наместо на трајни политички конфронтации.

