Со широко мнозинство, односно со 249 гласа „за“ и 51 воздржан, пратеникот од Нова демократија Константинос Тасулас одново доби доверба од пратениците и беше реизбран за претседател на грчкиот Парламент.
За Тасулас гласаа Нова демократија, СИРИЗА, ПАСОК и Грчко решение, додека пак Комунистичката партија, Спартанци, Победа и Курс на слободата беа воздржани.
Пред еден месец, по првите избори во Грција, Тасулас беше избран со 270 гласа „за“, меѓутоа тогаш, Парламентот веднаш се распушти во пресрет на новите избори, додека пак во јули 2019 година кога за првпат беше избран за претседател на Парламентот позицијата ја доби со рекорден број гласови, 283 од 298 присутни пратеници.
Во текот на денешниот ден, Парламентот ќе избере и потпретседатели и секретари.
Новите 300 пратеници избрани на изборите пред десет дена вчера положија свечена заклетва, а во Парламентот обезбедија место осум партии.
Нова демократија има 158 пратеници, СИРИЗА 47 пратеници , ПАСОК доби 32 пратенички места, Комунистичка партија 21, Спартанци и Грчко решение по 12 пратеници, Победа десет, а Курс на слободата осум пратеници.
Откако денеска беше изберан претседател на Парламентот, во четврток ќе започне тридневната расправа за гласање доверба на Владата, а ќе заврши в сабота со гласањето на пратениците. (МИА)