Брнабиќ ја презеде претседателската функција во Србија

Ана Брнабиќ од денеска е вршителка на должноста претседател на Србија, откако Александар Вучиќ официјално ѝ ја предаде претседателската функција по оставката што ја поднесе вчера.

Примопредавањето се одржа утрово во Претседателството на Србија. Вучиќ ѝ го предаде претседателскиот печат, документите поврзани со помилувањата и останатата документација што ја водел додека бил на функцијата. На Брнабиќ ѝ врачил и букет розови рози.

Брнабиќ, која досега беше претседателка на Народното собрание, рече дека функцијата ќе ја извршува до изборот на нов претседател.

„Ќе го чувам ова место до изборот на претседател“, изјави Брнабиќ при примопредавањето.

Според српскиот Закон за претседателот на Републиката, претседателот на Народното собрание ја презема функцијата кога претседателскиот мандат ќе престане предвреме и може да ја извршува најдолго три месеци. Во тој период има овластување да ја претставува државата, да прима акредитивни писма, да распишува парламентарни избори, да предлага кандидат за премиер и да ги извршува надлежностите во областа на одбраната.

Новите претседателски избори треба да се одржат најдоцна три месеци по престанокот на мандатот на Вучиќ. Според законските рокови, последниот можен датум за гласање е 27 декември.

Вучиќ вчера ја поднесе оставката по повеќе од девет години на претседателската функција. Како причина наведе дека сака да учествува во претстојната кампања за парламентарните избори без функцијата претседател на државата.

Тој е кандидат на Српската напредна странка за премиер, а вонредните парламентарни избори во Србија се закажани за 25 октомври.

Непосредно пред оставката Вучиќ донесе и одлуки за помилување и аболиција на 49 лица, меѓу кои и лица поврзани со протестите и блокадите во Србија.

Рацин.мк ве прашува:

Што ќе ни донесе вештачката интелигенција во следните пет години?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Што ќе ни донесе вештачката интелигенција во следните пет години?