Македонската филхармонија ја отвора сезоната со 13-годишниот сопран Алексис Гордон

кармина

Оркестарот на Македонската филхармонија во четврток, со почеток во 20 часот, ја отвора новата концертна сезона „Филхармонија: On Air“ со концертот „Симфониски бранови“.

Како солист ќе настапи 13-годишниот машки сопран Алексис Изар Гордон, а диригент на концертот е Александар Гордон. На програмата се „Аве Марија“ од Франц Шуберт и Симфонијата бр. 4 во ге-дур од Густав Малер.

Алексис Изар Гордон е член на Оперското училиште на Виенската државна опера, каде што се образува од осумгодишна возраст. Роден е во Лондон во 2013 година во семејство на професионални музичари, а подоцна со семејството се преселил во Виена.

И покрај младата возраст, веќе има богато сценско искуство и учествувал во големи продукции на Виенската државна опера, меѓу кои „Кармен“ од Бизе, „Пиковата дама“ од Чајковски, „Отело“ од Верди, „Боеми“ од Пучини, „Жената без сенка“ од Рихард Штраус и „Возек“ од Берг.

Настапувал и со Виенската филхармонија во „Пасион според Јован“ од Бах и „Волшебната флејта“ од Моцарт.

На десетгодишна возраст дебитирал во Стокхолм како сопрански солист во Четвртата симфонија од Малер, под диригентство на својот татко Александар Гордон Земцов. Две години подоцна го изведувал солистичкиот дел во „Chichester Psalms“ од Леонард Бернштајн со Виенската филхармонија и хорот „Арнолд Шенберг“.

Меѓу музичарите со кои соработувал се и Јука-Пека Сарасте и Пека Куусисто, а негови ментори се сопранистката Красимира Стојанова и диригентот Џими Чианг. За Алексис се создадени и две нови дела – „Agnus Dei“ од украинскиот композитор Александар Родин и „Ave Maria“ од бугарската композиторка Борислава Танева, кои ги праизвел во Финска.

Покрај пеењето, изучува пијано, кларинет, виолина и виола, а особен интерес покажува и за математиката и природните науки.

Со оркестарот ќе диригира Александар Гордон, кој кариерата ја започнал како виолист, а во последната деценија е активен и како диригент.

Неговото диригентско деби било во 2014 година со Симфонискиот оркестар на Лапеенранта во Финска. Во следните години диригирал со Симфонискиот оркестар на Бугарското национално радио, Камерниот оркестар на Манхајм, OZM Дортмунд, Оперскиот театар во Риека и Симфонискиот оркестар на Лиаонинг во Кина.

Во 2020 година дебитирал и како оперски диригент со „Алеко“ од Рахмањинов во Украинската национална опера во Киев, а една година подоцна му асистирал на Владимир Јуровски со Лондонската филхармонија. Истата година го имал и својот диригентски дебитантски настап со Лондонската филхармонија на турнеја во Мадрид и Барселона.

Гордон е и член на програмата „LEAD!“, каде што работи како ментор по виола и асистент-диригент на Јука-Пека Сарасте.

Во 2015 година бил именуван за уметнички директор и диригент на Меѓународниот нов симфониски оркестар во Лвив, проект кој преку музиката ја промовирал идејата за мир и заедништво.

Како виолист, Гордон уште на 23 години бил именуван за главен виолист на Лондонската филхармонија. По една деценија на таа позиција, во 2012 година се посветил на солистичката и диригентската кариера.

Со концертот „Симфониски бранови“, Македонската филхармонија ја започнува новата сезона „Филхармонија: On Air“, со програма што ги спојува Шуберт и Малер со настап на еден од најмладите солисти што ќе се појават на нејзината сцена.

Рацин.мк ве прашува:

Дали имате доверба во квалитетот на храната што се продава во Македонија?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали имате доверба во квалитетот на храната што се продава во Македонија?