Од полноќ дизелот поевтинува за 4,5 денари за литар, додека бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 поскапуваат за по еден денар, одлучи Регулаторната комисија за енергетика.
Новите максимални малопродажни цени ќе важат од 00:01 часот на 29 септември.
ЕУРОСУПЕР БС-95 ќе се продава по максимална цена од 100 денари за литар, а ЕУРОСУПЕР БС-98 по 102 денари.
Цената на ЕУРОДИЗЕЛ се намалува за 4,5 денари и ќе изнесува 100 денари за литар.
Екстра лесното масло за домаќинство поевтинува за три денари и ќе се продава по 111,50 денари за литар.
Цената на мазутот се намалува за 0,196 денари за килограм и ќе изнесува 49,882 денари.
Според РКЕ, просечното намалување на малопродажните цени на нафтените деривати изнесува 1,06 отсто во однос на претходната одлука од 21 септември.
Во периодот опфатен со новата пресметка, референтните цени на бензините на светскиот пазар во просек се зголемиле за 0,049 отсто. Кај дизелот, пак, е забележано намалување од 6,734 отсто, кај екстра лесното масло од 4,936 отсто, а кај мазутот од 1,630 отсто.
Курсот на денарот во однос на американскиот долар бил повисок за 0,9522 отсто во споредба со периодот користен при претходната пресметка.
Во новата одлука е применета и владината мерка за намалена стапка на ДДВ од 10 отсто за ЕУРОДИЗЕЛ.
Применето е и намалување на акцизата за четири денари за литар кај ЕУРОСУПЕР БС-95, ЕУРОСУПЕР БС-98 и ЕУРОДИЗЕЛ.
РКЕ нагласува дека станува збор за максимални малопродажни цени. Трговците можат да ги продаваат горивата и по пониски цени.

