Ана Брнабиќ ја презеде претседателската функција во Србија во момент кога политичката карта околу Белград станува покомплицирана отколку во поголемиот дел од мандатот на Александар Вучиќ. Србија сака да стане членка на Европската Унија, но не воведува санкции кон Русија. Односите со САД ги подигнува на ниво на стратешки дијалог, но не се откажува од блиското партнерство со Кина. Бара целиот Западен Балкан да влезе во ЕУ, а истовремено ги продлабочува специјалните врски со Република Српска. Со Македонија зборува за пријателство, со Приштина речиси и да нема политички дијалог, додека новото одбранбено поврзување на Хрватска, Албанија и Косово во Белград се набљудува со растечка недоверба.
Од 28 септември, Брнабиќ е вршителка на должноста претседателка на Србија. Александар Вучиќ поднесе оставка еден ден претходно, пред предвремените парламентарни избори на 25 октомври, на кои ќе се обиде политичката моќ да ја префрли од претседателската на премиерската функција. Според српскиот закон, Брнабиќ може да ја извршува претседателската функција најмногу три месеци, до изборот на нов шеф на државата.
Токму привременоста на нејзината функција го прави погрешно прашањето дали Србија добила „нова надворешна политика“. За таков заклучок е прерано. Но изјавите на Брнабиќ од последните две години, а особено оние од 2026 година, даваат прилично јасна претстава за политиката што таа ја брани. Во неа има еден интересен контраст: колку повеќе Брнабиќ во последните месеци го приближува јазикот на Србија кон Вашингтон и Брисел, толку помалку умерена е кога зборува за некои од непосредните соседи.
Србија е европска држава, но под свои услови
Најмалку дилеми Брнабиќ остава околу формалната стратешка ориентација на Србија.
„Европската интеграција е стратешки приоритет на нашата земја“, рече во мај во Копенхаген. На GLOBSEC во Прага отиде чекор понатаму: многу од отворените прашања на Балканот, според неа, би се решавале многу полесно доколку целиот регион стане дел од Европската Унија.
Но, нејзината визија за интеграцијата не е класичниот модел во кој кандидатите ги исполнуваат условите и чекаат полноправно членство. Брнабиќ бара постепена интеграција, пристап до делови од европските политики, пазарот и Шенген уште пред формалното членство.
На GLOBSEC го опиша тоа како напуштање на системот „сè или ништо“. Дури и правото на вето, едно од клучните права на членките, за неа не е пресудно. „Не мислам дека ни е потребно“, рече таа во Прага, објаснувајќи дека на Србија ѝ е поважно нејзините компании да бидат поконкурентни, а граѓаните полесно да патуваат.
Но зад проевропскиот речник постои сè поотворена критика кон Брисел. Брнабиќ тврди дека процесот на проширување повеќе не е заснован само врз заслуги, туку врз политичката волја на земјите членки. Како доказ не ја користи само Србија.
Го користи токму примерот на Македонија како доказ дека нешто не функционира. Во декември 2025 година Брнабиќ јавно зборуваше за фрустрацијата што ја создава европскиот процес и рече дека граѓаните на Македонија веројатно се уште пофрустрирани, збунети и разочарани од Србите. Аргументот беше едноставен: Македонија ги реши отворените прашања со Грција, го промени името на државата, а европскиот пат повторно остана блокиран.
Истовремено ја посочи Албанија како спротивен пример, држава која за помалку од две години ги отвори сите кластери, додека Србија за 11 години отвори два од шест.
„Немам поим на што се заснова целиот овој процес на интеграција“, рече Брнабиќ, заклучувајќи дека не е заснован само на заслуги.
Тука Македонија добива интересно место во политичкиот речник на новата вршителка на должноста претседател.
За Белград, Скопје не е регионален противник. Напротив, македонскиот случај се користи како аргумент дека европската перспектива на Западен Балкан мора да биде поверодостојна.
Дури и кога во февруари годинава се отвори полемика околу Радмила Шекеринска и изјавите на Вучиќ на Минхенската безбедносна конференција, Брнабиќ направи јасна разлика меѓу политичкиот спор и односот кон Македонија.
„Македонскиот народ засекогаш ќе остане братски народ на српскиот народ“, порача таа, додавајќи дека Србија нема претензии кон суверенитетот и територијалниот интегритет на Македонија и дека ќе продолжи да ѝ помага.
Тоа е значајно и поради пошироката безбедносна слика. Македонија е членка на НАТО, но истовремено одржува блиски политички и економски односи со Србија. Белград, пак, останува воено неутрален и сè погласно гледа со сомнеж кон новите одбранбени поврзувања во соседството.
Нова воена географија околу Србија?
Во март 2025 година Хрватска, Албанија и Косово потпишаа декларација за одбранбена соработка. Официјално, документот треба да ги зајакне одбранбените способности, воената интероперабилност и одбранбената индустрија и да придонесе за стабилноста во Југоисточна Европа. Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ подоцна нагласи дека не станува збор за формален воен сојуз и дека декларацијата нема правна тежина на меѓународен договор.
Белград, меѓутоа, го гледа поинаку. На GLOBSEC годинава Брнабиќ зборуваше за „воен сојуз“ на Загреб, Тирана и Приштина и праша која е неговата цел. Посебно реагираше на можноста кон соработката да се приклучи и Бугарија. Нејзината формулација беше впечатлива: „Интересно е како тоа баш некако оди околу централна Србија“.
Истовремено нагласи дека Србија останува воено неутрална и дека не припаѓа на НАТО или на друг воен сојуз.
Тоа е нов елемент во регионалната равенка. Одбранбената соработка Хрватска–Албанија–Косово не мора да значи создавање нов балкански блок, како што впрочем нагласува и Загреб. Но фактот дека Белград ја перципира низ безбедносна призма е политички важен.
Особено затоа што Србија паралелно развива блиска стратешка соработка со Унгарија.
Балканот што го презема Брнабиќ затоа не е истиот Балкан од времето кога Отворен Балкан беше главната регионална приказна. Пред само неколку години Отворен Балкан беше централниот регионален проект на Белград, Тирана и Скопје. Брнабиќ како премиерка беше еден од неговите најгласни промотори. Во нејзините поважни регионални настапи во последниот период, меѓутоа, Отворен Балкан речиси исчезнува како главна политичка тема.
Наместо него, Брнабиќ сè почесто зборува за интеграција на целиот Западен Балкан во ЕУ, за Единствениот европски пазар и за постепена интеграција.
Интересна е и оценката на албанскиот премиер Еди Рама од јули годинава. Говорејќи за Отворен Балкан, Рама иронично рече дека проектот бил „ужасна идеја“ само затоа што зад него стоеле и тој и Вучиќ, сугерирајќи дека политичката недоверба кон двајцата лидери ја оптоварила иницијативата.
Тоа не значи дека економската логика зад Отворен Балкан исчезнала. Напротив, голем дел од неа денес се вклопува во европскиот План за раст и идејата за Заеднички регионален пазар.
За Брнабиќ, изгледа, новата регионална рамка е ЕУ – но ЕУ која треба побрзо и поконкретно да го интегрира регионот.
„Не сме мали Руси“
Највидливата промена во нејзиниот меѓународен речник сепак се однесува на Русија. Во мај, во интервју дадено во Прага, Брнабиќ беше прашана за „братските односи“ на Србија со Москва. Одговорот беше невообичаено директен. Не би рекла дека односите се „братски“, рече таа.
Објасни дека Вучиќ комуницира со Владимир Путин, но дека комуникација со Москва имаат и лидери од ЕУ. Причината поради која Србија не воведува санкции кон Русија, според неа, е сопственото искуство со санкциите од деведесеттите години.
Во јули беше уште поексплицитна.
„Ние Србите не сме мали Руси.“
Во интервјуто за Euronews потсети дека Србија во Обединетите нации гласала за осуда на руската агресија врз Украина и дека Белград испратил десетици милиони евра помош за Киев. Потсети и дека токму поради тие позиции Москва ја критикувала Србија.
Но од тоа не произлегува дека Брнабиќ подготвува раскинување со Русија. Напротив. Нејзината теза е дека Србија не треба да избира.
Само две недели пред да ја преземе претседателската функција, во авторски текст за британски „Телеграф“, Брнабиќ практично ја формулираше доктрината што ја застапува.
Србија, порача таа, не е ничиј пион и не е продолжена рака на ниту една голема сила. Таа е европска држава која сака членство во ЕУ, но не смета дека европската интеграција треба да значи политичка послушност или прекинување на односите со САД, Кина или Русија.
Нејзиното прашање е суштинско: зошто економската меѓузависност би морала да значи политичка послушност?
Од „не сме мали Руси“ до САД како најзначаен партнер
Но ако дистанцирањето од Москва е забележливо, приближувањето кон Вашингтон е уште повпечатливо. Во јули Брнабиќ го нарече започнувањето на стратешкиот дијалог Србија–САД „едно од најважните достигнувања во последните неколку децении“.
Минатата недела отиде уште подалеку. На конференцијата „Belgrade Dialogue: US-Serbia Political Pillars & Economic Bridges“, Брнабиќ рече дека САД се „најзначајниот партнер“ во областите што се клучни за иднината на Србија и оцени дека односите меѓу Белград и Вашингтон во последните години направиле најголем напредок во последните децении.
Таа изјава заслужува внимание. Не затоа што значи дека Вашингтон го заменува Пекинг или Москва. Таков заклучок не произлегува од нејзините останати позиции, но, покажува дека во српското балансирање се менува тежината на одделните столбови.
Ако во 2024 година Брнабиќ зборуваше за „српски пат“ кој подразбира ЕУ, традиционални пријатели и посилни односи со Азија и Африка, во 2026 многу почесто ги нагласува европскиот идентитет на Србија и стратешкиот однос со САД.
Кина, сепак, не исчезнува.
Во својот неодамнешен текст таа ја бранеше и економската соработка со Пекинг, споредувајќи ја трговијата на Србија со Кина со многу поголемата британско-кинеска трговија и поставувајќи го прашањето зошто кинеските инвестиции се третираат како нормален бизнис кога станува збор за западните држави, а како геополитичко влијание кога станува збор за Србија.
Тоа е веројатно најточната дефиниција на надворешната политика што Брнабиќ ја наследува и ја брани: ЕУ како крајна институционална цел, САД како сè поважен стратешки партнер, Кина како клучен економски партнер и Русија како традиционален партнер со кој Србија одбива да ги прекине односите.
Косово останува црвената линија.
Ако кај Москва може да се забележи промена на тонот, кај Косово таа речиси не постои.
Во јули, за време на парламентарна расправа во Белград, Брнабиќ го прекина пратеникот Добрица Веселиновиќ откако тој го употреби изразот „нашите соседи, Косово“. „За Народното собрание на Република Србија тоа не се наши соседи“, одговори таа, повторувајќи ја официјалната српска позиција дека Косово е автономна покраина.
На GLOBSEC во Прага, на средбата со европскиот посредник Петер Соренсен, Брнабиќ повторно рече дека Белград е подготвен за разговори, но дека со Албин Курти нема вистински соговорник. Таа го обвини Курти дека не сака дијалог и дека создава услови за иселување на Србите и другите неалбанци од Косово. Тоа се тврдења на Брнабиќ кои Приштина ги оспорува, но се важни затоа што покажуваат колку мал простор остава нејзината реторика за политички компромис со актуелната косовска влада.
Уште поважно е наследството што самата Брнабиќ го остави како премиерка: писмото од декември 2023 година со кое Белград стави резерви кон деловите од европскиот договор за нормализација што Србија ги толкува како имплицитно признавање на Косово.
Со други зборови, ако некој очекува дека промената на адресата на претседателскиот кабинет автоматски ќе значи промена на српската позиција кон Косово, досегашните изјави на Брнабиќ не даваат основа за такво очекување.
Бања Лука: најцврстата регионална врска
Истото важи и за Република Српска. На 3 септември, само неколку недели пред да ја преземе претседателската функција, Брнабиќ беше во Бања Лука.
Таму зборуваше за јакнење на специјалните и паралелни врски меѓу Србија и Република Српска, за поврзување на институциите, економиите и луѓето, како и за заштита на српскиот јазик, кирилицата, традицијата, идентитетот и „културата на сеќавање“.
Парламентарниот форум Србија–Република Српска, објасни таа, е создаден токму за тие специјални врски да добијат посилна парламентарна димензија.
Истовремено, Брнабиќ инсистира дека Србија го почитува територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина и Дејтонскиот мировен договор.
Кога во август 2025 година влезе во жестока полемика со бошњачкиот член на Претседателството Денис Беќировиќ по пресудата против Милорад Додиќ, нејзината аргументација беше токму таква: Србија го почитува територијалниот интегритет на БиХ, но истовремено го смета интегритетот и надлежностите на Република Српска за дел од Дејтон што исто така мора да се почитува.
Тоа е формулата што најверојатно ќе продолжи да ја користи Белград: поддршка за територијалниот интегритет на БиХ, паралелно со максимално политичко, економско и културно поврзување со Бања Лука во рамките што Србија ги толкува како дозволени со Дејтон.
Тука се појавува еден од најинтересните парадокси во политиката на Брнабиќ.
Од една страна, таа тврди дека влезот на целиот Западен Балкан во ЕУ би ги олеснил или решил многу од отворените регионални прашања. Од друга, Белград гради сè поинституционализирани посебни односи со еден од двата ентитета во БиХ.
Двете политики не мора нужно да бидат спротивставени. Но нивната коегзистенција ќе остане една од точките по кои соседите ќе ја мерат регионалната политика на Србија.
Црна Гора: „братство“ кое лесно станува конфликт
Ако односот кон Македонија е претежно пријателски, односот со Црна Гора покажува сосема друга страна на Брнабиќ.
Во август годинава таа влезе во исклучително остра јавна расправија со црногорскиот премиер Милојко Спајиќ. Откако Спајиќ ја обвини српската власт дека има двојни стандарди кон Русија и ЕУ, Брнабиќ возврати со Косово, операцијата „Бура“ и статусот на српскиот јазик во Црна Гора.
Нејзиниот речник беше далеку од дипломатски. Тврдеше дека „официјална Подгорица, а не Црна Гора“ покажала дека ѝ посакува лошо на Србија и српскиот народ и лично го нападна Спајиќ.
Само неколку месеци претходно, црногорското Министерство за надворешни работи го повика српскиот амбасадор на разговор поради објава на официјален канал на српската влада за статусот на српскиот јазик во Црна Гора, оценувајќи дека станува збор за прашање од исклучива надлежност на црногорскиот уставен поредок.
Тоа покажува дека токму прашањата на идентитетот – јазикот, црквата, Косово и односот кон српското население остануваат потенцијален извор на тензии меѓу Белград и Подгорица.
Хрватска: најостриот соседски фронт
Ниту односите со Загреб не изгледаат лесни. Во последните две години Брнабиќ повеќепати употребуваше остар речник кон хрватските власти, а тензиите дополнително се зголемија по одбранбената декларација со Албанија и Косово.
Во септември 2025, кога Андреј Пленковиќ на Бледскиот стратешки форум зборуваше за политичката нестабилност во Србија и оцени дека земјата е на „работ на граѓанска војна“, Брнабиќ одговори дека тоа не е точно и го обвини Загреб дека посакува промена на власта во Србија. Тоа беше нејзино политичко тврдење, а не утврден факт, но е индикативно за степенот на недоверба. Со новата безбедносна соработка Загреб–Тирана–Приштина, хрватско-српските односи добиваат и дополнителна стратешка димензија.
Тоа е можеби најголемата разлика меѓу регионалната слика денес и онаа од времето кога Брнабиќ беше премиерка.
Тогаш главниот наратив беше економско поврзување.
Денес сè почесто се зборува за безбедност.
Од Отворен Балкан кон Балкан на нови линии
И токму тука е пошироката приказна.
Брнабиќ не ја презема претседателската функција само во Србија која политички се менува. Ја презема во регион кој повторно бара нова рамнотежа.
Албанија напредува побрзо кон ЕУ. Македонија останува блокирана и покрај отстапките направени во изминатите години. Црна Гора е најнапредниот кандидат за членство, но нејзините односи со Белград периодично се враќаат кон идентитетските спорови. Косовскиот дијалог е во длабока криза. БиХ останува поделена околу толкувањето на Дејтон и позицијата на Република Српска. Хрватска, Албанија и Косово воспоставуваат нова одбранбена соработка.
А Србија се обидува да остане воено неутрална, европски ориентирана, блиска со Вашингтон, економски поврзана со Пекинг и без санкции кон Москва.
Пред само неколку години тоа се нарекуваше балансирање меѓу Истокот и Западот.
Брнабиќ сега се обидува да му даде поинаква дефиниција: суверенитет.
„Србија не е ничиј пион“, напиша таа само неколку дена пред да стане вршителка на должноста претседател. Токму таа реченица можеби најдобро ја објаснува политиката што ја носи на Андриќев венац.
Нејзината Србија сака во ЕУ, но не сака Брисел да ѝ ја определува секоја надворешнополитичка одлука. Сака стратешко партнерство со САД, но не сака да избира меѓу Вашингтон и Пекинг. Не се идентификува како руски сојузник, но не сака да воведе санкции кон Москва. Го поддржува територијалниот интегритет на БиХ, но сака уште посилни врски со Република Српска. Зборува за регионална соработка, но Косово не го признава ниту како соседна држава.
Тоа не е нова политика создадена од Ана Брнабиќ. Во голем дел тоа е политиката што Србија ја развиваше во времето на Александар Вучиќ.
Но има промена во акцентите. Најзабележлива е во односите со Западот. Во 2026 Брнабиќ многу поотворено ја дефинира Србија како европска држава, ги дистанцира Србите од идентификацијата со Русија и ги нарекува САД најзначаен партнер во областите клучни за иднината на земјата.
Истовремено, нејзиниот јазик кон Приштина, Загреб и повремено Подгорица останува тврд, додека односот кон Бања Лука е можеби поинституционализиран од кога било.
Затоа најважното прашање за регионот не е дали Брнабиќ ќе биде „проевропска“ или „проруска“ претседателка. Нејзините досегашни позиции покажуваат дека таа самата го отфрла таквиот избор.
Поважно е дали Србија и понатаму ќе може да ја одржува политиката во која истовремено сака Брисел, Вашингтон, Москва и Пекинг – во момент кога и самите односи меѓу тие центри на моќ стануваат сè поконфликтни.
А за Македонија, барем според досегашните зборови на Брнабиќ, нема сигнал за политичко заладување.
Скопје во нејзината регионална слика е пријателски сосед, а македонското искуство со европските интеграции е аргумент со кој таа го предупредува Брисел дека Западен Балкан не може бесконечно да останува во чекалната. Македонија е и членка на НАТО сместена во средината на регион во кој безбедносните врски повторно стануваат важни.
Токму затоа периодот на Брнабиќ на Андриќев венац, иако можеби ќе трае само три месеци, ќе биде интересен тест. Не толку за тоа дали Србија ќе ја смени својата политика преку ноќ туку за тоа што останува од надворешнополитичкиот модел на Вучиќ кога човекот што го создаде повеќе не седи во претседателската палата, и колку Ана Брнабиќ, кога таа е лицето на државата, ќе сака или ќе може да му даде сопствен тон.

