Малкумина ја знаат приказната за ова место… Дали вие ја знаете приказната за манастирот „Свето Преображение“, во близина на Крушево, прашуваат од инстаграм страницата Urban Stories MK?
Се претпоставува дека манастирот потекнува од XI век, а со текот на времето бил запуштен, па од некогашниот храм останале само делови од конструкцијата и темелите. Во 80-тите години, манастирот започнал повторно да се гради, а во неговата обнова учествувале мајстори и луѓе од Крушево, но и од околните села.
Посебно значајна била улогата на Никола Проески, таткото на Тоше, кој стоел зад идејата и реализацијата на внатрешното уредување. А во обновата учествувал и самиот Тоше Проески, уште како дете — помагал физички, носејќи камен, цемент и земја, а според информациите, помогнал и финансиски за изградбата на манастирот.
Денес, ова место не е само дел од историјата на Крушево, туку и потсетник на луѓето кои со своите раце помогнале да се зачува.
Ако сте во Крушево, одвојте време да го посетите манастирот „Свето Преображение“ и сами да ја почувствувате неговата тишина, историја и посебна атмосфера, порачуваат од Urban Stories MK, и додаваат: Крушево крие приказни што вреди да се откријат.

