„Функциите за нас не се најважни“, порача лидерот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, претставувајќи го двегодишното учество на партијата во извршната власт како период на отчетност и одговорност. Но изјавата доаѓа во момент кога ЗНАМ преговара за уште едно место во Владата, заменик-министерска позиција која треба да биде договорена со коалициските партнери.
Во гостување на Сител, Димитриевски рече дека ЗНАМ не бара од граѓаните само да му веруваат, туку да ја оценуваат работата на неговите функционери. Според него, 42 избрани и именувани функционери на централно ниво поднеле извештаи за својата работа, кои се јавно достапни.
Партијата тоа го претставува како доказ дека воведува поинаков начин на политичка отчетност и дека транспарентноста и одговорноста не се само декларативни принципи. Димитриевски како еден од аргументите за работата на ЗНАМ го посочува и тоа што, според него, зад функционерите на партијата нема корупциски афери.
Но, по две години во власта, прашањето за ЗНАМ веќе не е само дали неговите функционери поднесуваат извештаи, туку кои конкретни промени од нивното управување граѓаните можат да ги препознаат.
ЗНАМ во моментов има две министерски позиции во Владата, во Министерството за јавна администрација и во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Партијата има свои претставници и во пониските ешалони на власта. Токму затоа дополнително внимание привлекува пораката дека функциите „не се најважни“.
На 19 септември Димитриевски најави дека ЗНАМ ќе добие уште едно заменик-министерско место. Тој тогаш потврди дека се разговара за неколку ресори и дека очекува наскоро да биде познато кое место ќе ѝ припадне на партијата. Премиерот Христијан Мицкоски вчера најави дека изборот на новите заменици-министри треба да се случи во следната недела или две и дека конечните решенија ќе бидат усогласени со коалициските партнери.
Тоа не е првпат ЗНАМ да разговара за проширување или зајакнување на своето кадровско присуство во извршната власт. Пред реконструкцијата на Владата летово, Димитриевски изјави дека по промените партијата ќе биде „посилна и кадровски“ и со поголем потенцијал за директно спроведување на политиките во министерствата и во пониските ешалони на власта.
Самото учество во распределбата на функции не е невообичаено за партија што е дел од владејачка коалиција. Но ако ЗНАМ инсистира дека бројот на функциите не е мерило за неговиот успех, тогаш останува прашањето што е мерилото.
Отсуството на афери е важно за секоја власт, но тоа не е исто што и мерлив резултат од управувањето. Отчетот, исто така, е механизам за прикажување на работата, а не резултат сам по себе.
Димитриевски во последното интервју се осврна и на европската интеграција, повторувајќи го предлогот на ЗНАМ за условени уставни измени – амандманите да бидат усвоени, но нивното дејство да започне дури кога Македонија ќе стане полноправна членка на Европската Унија. Тоа останува една од политичките позиции преку кои ЗНАМ се обидува да се профилира како посебен фактор во владејачката коалиција.
Но политичките ставови се едно, а резултатите од управувањето со институциите се друго.
Затоа, по две години учество во извршната власт и во момент кога се преговара за уште едно место во Владата, изјавата дека функциите не се најважни природно отвора едно друго прашање: кои се видливите резултати по кои граѓаните треба да го оценат ЗНАМ?

