„Охрид In Situ – архитектура, континуитет и мудрост на местото“ е македонски претставник на Венециското биенале на архитектура 2027

венециското

Проектот „Охрид In Situ – архитектура, континуитет и мудрост на местото“, на Здружението на граѓани за поддршка и промоција на културата „Континео“ од Скопје, ќе ја претставува Македонија на 20. Интернационална изложба на архитектура во Венеција во 2027 година, во организација на „La Biennale di Venezia“.

Проектот е дело на авторите: Владимир Десков, д-р Ана Ивановска Дескова, д-р Јован Ивановски, д-р Харалд Трап и Симон Хартман, со соработниците     д-р Теа Дамјановска, д-р Михајло Стојановски и м-р Зоран Петровски. Куратор на проектот е д-р Јован Ивановски, а комесар е Авни Ќаили, директор на НУ Музеј на современата уметност – Скопје.

Во рамките на Конкурсот за учество на Република Северна Македонија на 20. Интернационална изложба на архитектура во Венеција во 2027 година, во предвидениот рок е доставен еден проект – „Охрид In Situ – архитектура, континуитет и мудрост на местото“. Комисијата за разгледување на проектите, во состав Огнен Марина, Мишко Ралев и Рилинд Селмани, по разгледувањето на доставената пријава и документација, утврди дека проектот ги исполнува условите и критериумите утврдени со Конкурсот.

Според образложението на Комисијата, проектот претставува концептуално јасен и теориски релевантен предлог за национално претставување, со фокус на Охрид и неговите исклучителни природни, културни и архитектонски вредности. Проектот го истражува Охрид како простор во кој низ вековите се преплетуваат природата, топографијата, архитектурата, материјалите, градителските практики и секојдневниот живот. Посебен акцент е ставен на регионалниот модернизам од втората половина на 20 век и начинот на кој македонските архитекти го реинтерпретирале наследеното просторно искуство на Охрид. Како што се наведува во извештајот на Комисијата, проектот ја поставува архитектонската коегзистенција како историски и просторен механизам преку кој архитектурата на Охрид постојано се преобразува, притоа задржувајќи континуитет со знаењето и искуството вградено во местото.

Комисијата особено ја истакнува поврзаноста на проектот со генералната тема на кураторите на 20. Интернационална изложба на архитектура во Венеција, Ванг Шу и Лу Венју – „Создавај архитектура – за можноста за соживот во соочување со реалноста“ („Do Architecture – For the Possibility of Coexistence Facing a Real Reality“).

Со изборот на проектот „Охрид In Situ – архитектура, континуитет и мудрост на местото“, Северна Македонија на 20. Интернационална изложба на архитектура во Венеција во 2027 година ќе го претстави Охрид како архитектонски и културен простор во кој наследството, современата архитектура и локалното знаење се поврзуваат во современа и меѓународно релевантна архитектонска приказна.

Рацин.мк ве прашува:

Дали имате доверба во квалитетот на храната што се продава во Македонија?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали имате доверба во квалитетот на храната што се продава во Македонија?