По студените утра, Македонија ја очекува период на стабилно, сончево и сè потопло време. Температурите во утринските часови наместа ќе се спуштаат под нулата, додека во текот на денот живата во термометрите постепено ќе се искачува и до 28 степени.
Според прогнозата на Управата за хидрометеоролошки работи, денеска утрото беше ведро и студено, со минимални температури од -2 до 8 степени. Во текот на денот се очекуваат од 18 до 26 степени, со сончево време и мала до умерена облачност. Во Скопје максималната температура ќе достигне околу 25 степени.
Студените утра ќе продолжат и во наредните денови. Наместа температурите повторно ќе се спуштаат под нулата, а по котлините и во повисоките места ќе има услови за ниски утрински температури.
Сосема поинаква слика ќе има во текот на денот. Следува период на стабилно време, со многу сонце и постепен пораст на дневните температури. Според прогнозите за наредните денови, максималните температури ќе се движат нагоре и ќе достигнуваат до околу 28 степени.
Тоа значи дека на одредени места разликата меѓу утринската и дневната температура може да биде и повеќе од 20 степени.

