СДСМ: Мицкоски го кочи патот кон ЕУ поради страв од европското обвинителство

Европските интеграции на Македонија стојат во место затоа што премиерот Христијан Мицкоски стравува од надлежностите на Европското јавно обвинителство, обвини портпаролката на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Богданка Кузеска, на денешната прес-конференција. Според тврдењата на опозициската партија, новите насоки на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, предвидуваат државите кандидати за членство задолжително да станат дел од мрежата на главната европска обвинителка Лаура Ковеши уште пред формалниот прием во Европската Унија.

Од СДСМ посочуваат дека ваквиот механизам за контрола во практиката ќе значи крај на телефонските притисоци врз правосудните органи и отворање независни истраги без оглед на политичката функција или партиската припадност на функционерите. Кузеска наведе дека со влезот под јурисдикција на европските обвинители секој сомнителен прекуграничен шверц, сомнителен јавен тендер или злоупотреба на буџетските средства добива правна завршница, посочувајќи го како пример апсењето на двајца министри од владата на Виктор Орбан во Унгарија.

Како што изјави портпаролката на СДСМ, токму стравот од правна одговорност и губење на слободата е причината зошто Македонија останува изолирана во пакетот заедно со Србија и Косово, додека држави како Албанија, Црна Гора, Молдавија и Украина добиваат јасни патокази за напредок кон Брисел. Според опозицијата, владиниот наратив дека интеграцијата нема да се турка по секоја цена е само параван за избегнување на европските извештаи за владеење на правото и заштита на личните интереси на функционерите.

Од СДСМ исто така упатија серија критики за геополитичкиот курс на актуелното раководство, оценувајќи дека наместо реформи, Владата спроведува руска агенда и гради блиски врски со структурите во Белград. Кузеска оцени дека дипломатското претставување на земјата е сведено на собирање фотографии по хотелски ходници, додека на граѓаните им се ускратува можноста да живеат во уредена правна држава каде што законите важат подеднакво за секого.

„СДСМ го кажуваше ова цело време. Документот стигна и јасно покажува дека власта не бега од условите поврзани со Бугарија, туку бега од Лаура Ковеши. Времето кога истрагите се нарачуваа по телефон завршува, а за секоја злоупотреба ќе следува конкретна одговорност“, истакна Богданка Кузеска на партиската прес-конференција.

На крајот од своето обраќање, портпаролката на СДСМ порача дека граѓаните се заложници на актуелната власт и најави дека со промената на политичките сили во земјата ќе се воспостави целосна институционална одговорност за сите сомнежи за коруптивни дејствија.

Рацин.мк ве прашува:

Дали имате доверба во квалитетот на храната што се продава во Македонија?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали имате доверба во квалитетот на храната што се продава во Македонија?