Македонскиот идентитет и јазик не се загрозени и се добредојдени во ЕУ, изјавија од СДСМ по вчерашната посета на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен во земјава. Опозициската партија оцени дека соопштеното на заедничката прес-конференција со премиерот Христијан Мицкоски го потврдува ставот што го застапуваат СДСМ и претседателот на партијата Венко Филипче.
Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, во обраќање до јавноста порача дека македонскиот јазик, култура и идентитет се заштитени со Преспанскиот договор. Според неа, и претседателката на државата Гордана Сиљановска Давкова признала дека со договорот се заштитени јазикот и идентитетот.
Кузеска го обвини Мицкоски дека пред доаѓањето на власт ветувал враќање на уставното име, „никогаш Северна“, укинување на Преспанскиот договор, подобра преговарачка позиција и промена на преговарачката рамка, а по доаѓањето на власт го прифатил договорот.
„Од лажниот патриотизам на Мицкоски останаа бугарските пасоши во ВМРО и владата и фирмите во Бугарија“, изјави таа.
Според СДСМ, фон дер Лајен на прес-конференцијата рекла дека ЕУ ја чека земјата „со македонскиот идентитет и јазик“, а Преспанскиот договор го оцени како „вистинска политичка храброст“, додавајќи дека европскиот пат повторно бара таква храброст. Кузеска цитира и дека фон дер Лајен поручила процесот прво да се деблокира, а дури потоа Македонија ќе добие патоказ.
Кузеска оцени дека поради блокадата на европскиот пат земјата загубила две и пол години, додека регионот напредува, а четири земји веќе имаат патокази за членство. Таа додаде дека наспроти сè, Мицкоски не добил медијација од ЕУ, туку порака да се обрати директно до Бугарија. Како резултат на тоа, следната недела се очекува билатерална средба меѓу министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски и бугарската министерка Петрова. Според СДСМ, билатералниот формат значи полоши позиции за Македонија, бидејќи прашањето повеќе нема да се третира како прашање на Унијата.
Од СДСМ го поставија прашањето како Мицкоски ќе го деблокира процесот и што брани, откако идентитетот е признаен во ЕУ, и побараа премиерот да излезе пред јавноста и да одговори. Кузеска го спомена и европското обвинителство, велејќи дека Мицкоски се плаши од него и затоа зборува за „децении“.

