Дефицитот во Фондот за пензиското и инвалидското осигурување се искачи на историско ниво од една милијарда евра, што претставува повеќе од 14 проценти од вкупниот државен буџет, а исплатата на примањата за сегашните и идните пензионери е доведена во прашање. Ова денеска на прес-конференција го изјави пратеничката и потпретседателка на СДСМ, Јована Тренчевска, повикувајќи се на последните предупредувања и пресметки на Фискалниот совет.
Според тврдењата на Тренчевска, мерката со која од 1 јули придонесот за ПИОМ беше зголемен за еден процентен поен преку пренасочување на парите од Агенцијата за вработување, не дала резултат, па недостигот на средства продолжува да генерира нестабилност. Таа посочи дека проекциите на експертските тела најавуваат натамошно продулабочување на финансискиот јаз до износ од 1,3 милијарди евра во годините што следат.
Опозицијата тврди дека излезот од ваквата состојба извршната власт планира да го бара преку дополнително оданочување на трудот и нов товар врз приватниот сектор. Според партијата, таквите чекори ќе паднат директно врз грбот на работниците преку намалување на нивните месечни нето примања, со оглед на тоа што компаниите нема да можат да го издржат растот на трошоците за придонеси.
„Посегнува по џебот на граѓаните, по парите на компаниите, најавува зголемување на придонесите за пензиско осигурување. Работодавачите нема да можат да поднесат поголем трошок за вработување и тоа ќе значи помала нето плата за работниците. Помали плати и неизвесни пензии е резултатот на овие политики“, изјави Тренчевска.
Покрај притисокот врз платите, пратеничката на СДСМ упати критики и за намерите на власта да ги искористи акумулираните средства од задолжителното капитално пензиско осигурување. Таа предупреди дека пласирањето на овие пари во сомнителни инвестициски проекти претставува директно загрозување на приватните заштеди на граѓаните кои со децении издвојуваат од своите месечни приходи за стабилна старост.
„Нема пари па власта сака да посегне и по парите од вториот пензиски столб. Најновиот изговор за да им ги украдат парите на граѓаните и на идните пензионери се измислени инвестиции. Граѓаните кои со години уплаќале може да останат без својата заштеда и без важна потпора за идната пензија“, нагласи Тренчевска.
Од СДСМ порачаа дека наместо преку кратење на стандардот на граѓаните и ризични финансиски маневри со пензиските заштеди, Владата мора веднаш да ги сопре непродуктивните трошења, да ги ревидира јавните набавки и институционално да го санира дефицитот во државниот пензиски фонд.

