Повеќе од 80 досега непознати слики и цртежи на познатата британско-ирска писателка и филозофка Ајрис Мардок биле пронајдени во тајна просторија на таванот од нејзиниот поранешен дом во Оксфорд. Влезот во просторијата бил скриен зад голема библиотека, а се претпоставува дека со децении никој не влегол внатре.
Делата биле откриени од д-р Мајлс Лисон, директор на Истражувачкиот центар „Ајрис Мардок“ при Универзитетот во Чичестер, кој бил поканет да ја истражи куќата по смртта на втората сопруга на сопругот на Мардок, Џон Бејли.
Зад библиотеката се наоѓала врата што водела кон мал, тешко достапен дел од таванот.
„Беше недостапно. Беше како внатрешно светилиште“, изјавил Лисон за „Гардијан“.
Тој верува дека со децении никој не влегол во просторијата и дека за нејзиното постоење можеби знаеле само Мардок и нејзиниот сопруг.
Она што го пронашол внатре значително ја менува досегашната слика за една од најпознатите британски писателки на 20 век.
До откритието се знаеше за само три слики што ги создала Мардок. Во скриената просторија, меѓутоа, биле пронајдени повеќе од 80 нејзини дела: слики, акварели и цртежи.
Меѓу нив е и единствениот досега познат автопортрет на Мардок, насликан на 7 јануари 1941 година, кога таа имала 21 година.
Пронајдени се и четири надреалистички пејзажи, три цртежи на женски актови, 20 надреалистички акварели, два цртежи на нејзините родители и повеќе од 50 скици во два скиц-блока.
Најголем дел од делата потекнуваат од периодот меѓу 1939 и 1941 година, кога Мардок студирала во Оксфорд, во првите години од Втората светска војна.
Истражувачите во нив препознаваат влијанија од Салвадор Дали и Пабло Пикасо, но и теми што подоцна ќе се појавуваат во книжевното и филозофското творештво на Мардок.
Ова, всушност, не е првото големо откритие направено на таванот од нејзината куќа.
Лисон влегол во другиот, подостапен дел од таванот уште во 2016 година. Во еден стар ковчег тогаш пронашол околу 600 необјавени песни на Мардок.
Десет години подоцна, тајната просторија зад библиотеката откри уште една речиси непозната страна од нејзиниот живот, Мардок како сликарка.
Дваесет и пет од новооткриените дела сега првпат се изложени во библиотеката на Универзитетот во Чичестер, во рамките на изложбата „Iris Murdoch Amongst the Artists“, која ќе трае до 10 декември.
Ајрис Мардок почина во 1999 година. Таа е авторка на 26 романи, меѓу кои „Под мрежата“ (Under the Net), „Ѕвоното“ (The Bell), „Црниот принц“ (The Black Prince) и „Морето, морето“ (The Sea, the Sea), за кој во 1978 година ја доби Букеровата награда. Покрај романите, пишувала и филозофски дела, драми и поезија.

