Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја обвини Русија за нападите со дронови врз два цивилни брода во бугарската исклучива економска зона во Црното Море, нагласувајќи дека украинските сили не спроведувале операции во тој реон. Во вечерното обраќање. денес, 6 октомври, тој изјави дека едниот брод потонал, а другиот претрпел значителни оштетувања.
„Украинските одбранбени сили не спроведуваа никакви операции во овој дел од морето“, рече Зеленски. Според него, украинската морнарица стапила во контакт со бугарските колеги и било утврдено дека станува збор за руска комбинирана атака со морски и воздушни дронови. Тој наложил украинските воени и разузнавачки служби да соработуваат со партнерите во разјаснувањето на нападите.
Претходно истиот ден, бугарскиот премиер Румен Радев изјави дека сè уште не може со сигурност да се утврди од која држава потекнуваат дроновите. Неговата изјава претходеше на вечерното обраќање на Зеленски. Руските власти немаа непосреден коментар на обвинувањата, објави Асошиејтед прес.
Нападите се случиле во текот на ноќта, на околу 70 наутички милји, односно 130 километри, источно од бугарскиот град Бјала. Според бугарската влада, едниот брод, кој пловел под знамето на Того, потонал. Спасувачите пронашле превртен чамец, сплавови и спасувачки елеци, а потрагата по екипажот продолжува.
Асошиејтед прес го идентификува потонатиот брод како „Алфа Ватан“. Вториот нападнат брод, „Ејбл“, пловел под знамето на Палау и бил зафатен од пожар. Неговите 18 членови на екипажот биле евакуирани, а двајца повредени морнари биле пренесени на лекување во Варна.
Радев го осуди нападот како грубо прекршување на меѓународното и поморското право. Бугарските институции организираа спасувачка операција координирана од Поморскиот спасувачки центар во Варна, со учество на морнарицата и други надлежни служби.
Бугарскиот премиер ги информирал Европската комисија и европските лидери за нападите, а прашањето го поставил и пред НАТО. Како што објави БНТ, ситуацијата била разгледана во видеоконференциски разговор со лидерите на членките на ЕУ, Урсула фон дер Лајен и Антонио Кошта.

