На пријател му должите пари за ручек, заедничка сметка или билет?
Во Србија веќе не мора да го прашувате за бројот на трансакциската сметка. Новата услуга овозможува испраќањето пари да започне директно од Viber, со избор на лице од именикот и неговиот телефонски број, додека конечната трансакција се потврдува во апликацијата за мобилно банкарство.
Функцијата официјално е овозможена преку PayChat, Viber-четбот што го користи српскиот систем за инстант плаќања „Prenesi“. Народната банка на Србија на 22 септември го воведе новиот технички стандард што овозможува плаќање преку „Prenesi“ да се иницира и од други апликации, а Viber е првата платформа што го искористи.
Иако услугата сè уште не е масовно рекламирана, таа веќе функционира. Александар Станојевиќ од Народната банка на Србија за РТС потврди дека корисниците можат од Viber да изберат „испрати пари“ или „побарај пари“, по што системот ги води кон мобилната апликација на нивната банка.
Процесот изгледа едноставно. Корисникот го отвора PayChat во Viber, избира контакт од телефонскиот именик или внесува телефонски број, ја внесува сумата и по желба кратка порака. PayChat потоа подготвува платежен налог и преку таканаречен deep link ја отвора избраната банкарска апликација. Таму корисникот повторно ги гледа податоците и ја одобрува трансакцијата со PIN, отпечаток од прст или препознавање лице.
Токму последниот чекор е клучен за безбедноста. Viber и PayChat не го добиваат PIN-кодот, лозинката или пристапот до банкарската сметка, не ги чуваат парите и самите не ја извршуваат трансакцијата. Плаќањето се одвива преку инфраструктурата на Народната банка на Србија и апликацијата на банката на корисникот.
За испраќање пари потребно е на истиот телефон да има активна апликација за мобилно банкарство што го поддржува системот. Примачот, пак, мора да има банкарска сметка и неговиот телефонски број да биде регистриран во услугата „Prenesi“ ако сака да прима средства на овој начин. Самото испраќање преку „Prenesi“ не бара испраќачот претходно да го регистрира својот број.
Практичната разлика е што корисникот повеќе не мора да знае 18-цифрен број на сметка на лицето на кое му испраќа пари. Телефонскиот број станува врската меѓу контактот и банкарската сметка што примачот претходно ја регистрирал во системот „Prenesi“.
Услугата е особено приспособена за секојдневни трансакции меѓу граѓани. Во PayChat се нудат брзи износи од 1.000, 2.000 и 5.000 динари, но може да се внесе и друга сума. Можно е и да се испрати барање за плаќање или групно барање, на пример кога повеќе луѓе делат ресторанска сметка, патување или заеднички трошок.
Користењето на самиот PayChat е бесплатно за физички лица. Сепак, тоа не значи дека секоја банкарска трансакција нужно е без надомест, бидејќи евентуалната провизија зависи од тарифата и договорот што корисникот го има со својата банка.
Новиот модел отвора и едно важно безбедносно прашање. Фактот дека барање за пари може да пристигне во Viber не значи дека треба автоматски да се одобри. Корисникот и натаму треба да провери кому плаќа, која сума е наведена и дали барањето навистина доаѓа од лицето со кое комуницира. PayChat пред трансакцијата го префрла корисникот во официјалната банкарска апликација, каде плаќањето мора посебно да се потврди.
Тоа е особено важно и за македонските корисници, со оглед на честите измами преку пораки и апликации за комуникација. Македонското МВР годинава предупреди граѓаните да не отвораат сомнителни линкови и да не споделуваат лозинки, PIN-кодови и финансиски податоци преку пораки, а домашни банки веќе предупредуваа и за лажно претставување преку Viber.
Истата Viber-функција што сега работи во Србија, според јавно достапните информации што ги проверивме, не е воведена и во Македонија. Српското решение е директно поврзано со нивната национална услуга „Prenesi“ и IPS-системот на Народната банка на Србија.
Македонија, сепак, веќе има слична идеја во рамките на одделни банкарски апликации. Стопанска банка, на пример, преку TOPSI Pay овозможува корисникот да испрати пари на друг корисник со избор од телефонскиот именик, без да го знае неговиот број на сметка. Разликата е што услугата е вградена во мобилното банкарство на банката, а не во Viber.
Затоа српскиот модел е интересен и за македонскиот пазар: следниот чекор веќе не е само плаќање со телефонски број, туку преместување на почетокот на трансакцијата таму каде што корисниците и онака поминуваат голем дел од денот, во четот.

