Премиерот Христијан Мицкоски денеска не се појави во Основниот граѓански суд Скопје, каде како законски застапник на ВМРО-ДПМНЕ требаше да биде сослушан во постапката што поранешната обвинителка Ленче Ристоска ја води против партијата за навреда и клевета.
Адвокатката на ВМРО-ДПМНЕ пред судот кажала дека Мицкоски не дошол бидејќи имал други обврски.
„Имаше шест месеци да ги усогласи обврските. Ова што избега денеска е негово непочитување на судот“, изјави Ристоска по рочиштето.
Таа бара судот да утврди навреда и клевета во партиско соопштение на ВМРО-ДПМНЕ од 14 октомври 2025 година и бара отштета од 300.000 денари.
Ристоска пред судот изјави дека во периодот кога било објавено соопштението ги застапувала предметите „Талир 1“ и „Талир 2“, во кои биле засегнати интересите на ВМРО-ДПМНЕ. Според неа, во соопштението биле изнесени невистини со кои се доведувале во прашање нејзиниот професионален и морален интегритет.
Особено ги посочи квалификациите „Каков крај“, „отсуство на срам“ и тврдењата дека била дел од „партиска испостава на СДС и ДУИ“.
Ристоска рече дека зборовите „Каков крај“ ги доживеала како заканувачки, имајќи предвид дека доаѓале од партија на власт која истовремено била засегната во постапки што таа ги водела.
Таа негираше дека користела службена картичка во СЈО или дека прикривала надоместоци, како и дека постапувала селективно според партиската припадност на лицата опфатени со предметите.
Одбраната на ВМРО-ДПМНЕ поднесе приговор на нејзиниот исказ и оцени дека тој бил даден за привлекување внимание.
Ристоска посочи и дека била предмет на критики и напади и во периодот кога на власт биле СДСМ и ДУИ, нагласувајќи дека јавно ги критикувала реформите во правосудството и измените на Кривичниот законик од 2023 година.

