Валерија Дамчевска ќе ја претставува Македонија на Европското слем-првенство во 2027 година, откако ја освои националната титула на „Поетски слем Македонија“ во Прилеп. Победата доаѓа на 16. издание на фестивалот, кој се одржува од 8 до 11 октомври и обединува поетски настапи, книжевни промоции и музички изведби.
Настапите ги оценуваше петчлена жири-комисија. Второто место го освои Стефанија Граовац, а третото Матеј Петров. На годинашниот натпревар настапија десетина учесници од различни градови, со сопствени поетски и прозни дела.
За Дамчевска, титулата следува по минатогодишната тесна трка за првото место. Во 2025 година таа беше меѓу тројцата натпреварувачи со ист број поени на финалната вечер, поради што жирито оценуваше дополнителни настапи. Тогаш победи Виктор Спасески, а во најтесната конкуренција беше и Горазд Китановски, Кени.
Со годинашната победа Дамчевска станува следната национална претставничка на европското првенство. „Поетски слем Македонија“ досега испратил 11 национални претставници на европската сцена и двајца на Светското слем-првенство. Манифестацијата ја организира Театарска работилница од Прилеп.
Фестивалската програма донесе и гостинки од Мозамбик, Елијане Бутелане и Наташа Сокре. Покрај натпреварот, се одржаа промоции на поетски книги, а Бранислав Николов, познат како Пијан Славеј, заедно со „Хот џез оркестра“ синоќа настапи со поетски концерт во киното „Мис Стон“
Фестивалот завршува вечерва со поетско читање посветено на Тихомир Јанчовски, закажано за 19:30 часот во вилата „Ана Плетварска“

