Словенија ги надмина Франција и Италија на листата за вински патувања

Штајерска во Словенија го освои првото место во новото рангирање на најдобрите вински региони во Европа на European Best Destinations, оставајќи зад себе познати дестинации од Италија и Франција. Во изборот биле разгледани повеќе од 90 вински територии, а словенечкиот регион се издвоил со традицијата, пејзажите и искуствата што им ги нуди на посетителите.

Рангирањето го оценува целосното искуство на винското патување. Покрај разновидноста на сортите и винските стилови, критериумите ги опфаќаат подрумите, дегустациите, винските патишта, гастрономијата, гостопримството, одржливоста и пристапноста. Историското наследство и локалниот идентитет имаат значајно место во изборот.

Штајерска ги поврзува Марибор, Птуј, Јерузалем, Халозе, Словенске Горице, Равно Поле и Похорје. Меѓу нејзините препознатливи пејзажи е патот во форма на срце кај Шпичник, кој минува низ лозјата, додека ридовите околу Јерузалем се познати по терасестите насади и белите сорти грозје.

Во Марибор расте винова лоза стара повеќе од 450 години, позната како најстарата во светот. Птуј ја дополнува приказната со историскиот вински подрум во кој се чува „Злата трта“ од бербата во 1917 година, најстарото зачувано архивско вино во Словенија.

Директорот на European Best Destinations, Максимилиен Лежен, го објаснува изборот преку автентичноста, вековната винска култура и силниот регионален идентитет. „Виното тука е многу повеќе од производ“, вели тој, нагласувајќи ја улогата на луѓето што ги одржуваат традициите.

Второто место му припадна на италијанскиот регион Ланге, Роеро и Монферато, препознатлив по сортата небиоло и тартуфите. Трета е Рибеира Сакра во Шпанија, со лозја на стрмни тераси во кањоните на реките Сил и Мињо.

Австрискиот Камптал е четврти, со ризлингот и гринер велтлинерот меѓу главните вински адути. Петтото место го зазеде Кјанти Руфина во Тоскана, опишан како потивка и поинтимна дестинација од попознатиот Кјанти Класико.

Листата продолжува со француските Сансер и Пуји-Фиме на шестото место, Етна во Италија на седмото и Сомир и Анжу во Франција на осмото. Деветти е австрискиот Вахау, десетта е Вале д’Аоста во Италија, единаесетти е Алентежо во Португалија, а дванаесетта е Науса, односно Негуш, во Грција.

Рацин.мк ве прашува:

Дали ЕУ го признава македонскиот идентитет?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали ЕУ го признава македонскиот идентитет?