Францускиот производител на автомобили Citroen го врати брендот 2CV, познат под прекарот „Спачек“ во поранешна Југославија, за да ја зголеми продажбата на електрични возила на предизвикувачки пазар.
Новиот модел, претставен на Саемот за автомобили во Париз, е мал градски автомобил со ретро дизајн кој се потпира на изгледот на еден од најпознатите модели на компанијата.
Бидејќи станува збор за прототип, наменет да ја покаже насоката во која Citroen планира да се развива, сè уште не е подготвен за продажба.
Треба да пристигне во салоните до 2028 година.
Соочени со зголемената конкуренција од кинеските производители, Citroen и другите европски брендови бараат да го искористат богатото наследство за продажба на денешните автомобили.
Омилен меѓу земјоделците
Ксавиер Шардон, извршен директор на Citroen, го опиша новиот автомобил како „модерен, генијален и освежителен одговор на предизвиците на движењето во иднина“.
Оригиналниот Citroen 2CV беше претставен во 1948 година, во време кога Европа се опоравуваше од уништувањето на Втората светска војна.
Беше дизајниран како евтино и издржливо превозно средство за француските земјоделци и жителите на руралните средини.
Автомобилот имаше високи браници, што му овозможуваше да преминува изорани полиња и лоши патишта.
Според легендата, тој можеше да преминува изорана нива без да скрши гајба со паткини јајца.
Високиот покрив им овозможуваше на возачите да носат капа зад воланот. Беше едноставен за возење и лесен за поправка.
Автомобилот беше толку популарен што се произведуваше повеќе од 40 години.
Со текот на времето, од практично работно возило за село стана култен класик, омилен меѓу хипиците и членовите на контракултурните движења.
Сега Citroen сака да го искористи тоа наследство за да продаде мал електричен градски автомобил, кој треба да чини околу 13.000 фунти (околу 15.000 евра).
Изгледот на новиот 2CV веројатно ќе се промени понатаму како што напредува развојот на дизајнот.
Сепак, тој веќе дели многу стилски карактеристики со својот познат претходник.
Високите, раширени браници, заоблениот висок покрив и фаровите слични на очи потсетуваат на оригиналниот „deux chevaux“ или „два коња“.
Користејќи ги спомените од стар автомобил за да продаде нов, Citroen всушност следи добро пробиена маркетиншка стратегија.
Кон крајот на 1990-тите, Volkswagen го врати легендарниот „Буба“ на пазарот, но со ограничен успех.
Мини моделите произведени од BMW отсекогаш задржувале дизајнерски елементи што потсетуваат на оригиналниот, изразито британски автомобил.
Fiat, од друга страна, продава ретро верзија на Fiat 500 речиси две децении, инспирирана од изгледот на неговиот историски претходник.

Ретро носталгија
Производителите на автомобили во последниве години сè повеќе се потпираат на носталгијата додека бараат начини да ги направат електричните возила попривлечни за скептичните потрошувачи.
На чело на тој бран е францускиот конкурент на Citroen, Renault.
Сè започна со моделот Renault 5 E-Tech, чиј дизајн јасно потсетува на препознатливите, квадратни линии на оригиналниот Renault 5, некогаш речиси неизбежни на француските улици.
Во меѓувреме, Рено ги обнови моделите Рено 4 и Твинго.
Фолксваген го претстави препознатливиот електричен комби ID. Buzz, инспириран од класичниот модел Т2 Транспортер, додека Форд работи на ново електрично возило за кое многумина очекуваат дека ќе се вика Фиеста.
Рејчел Бургес, виш уредник на списанието Autocar, смета дека тоа е стратегија што има многу смисла.
„Ова е одличен начин производителите да се издвојат од сосема новите брендови на автомобили“, вели таа.
„Постарите клиенти може да се сетат и да имаат наклонетост кон оригиналите, додека помладата публика може да го најде ретро изгледот привлечен.“
Наоѓањето нови начини да се направат автомобилите пожелни за купувачите е поважно од кога било, бидејќи европските производители се соочуваат со зголемена конкуренција од кинеските брендови.
„Многумина во автомобилската индустрија веруваат дека големите европски производители на автомобили се соочуваат со многу сериозна закана за сопствениот опстанок поради агресивните перформанси на кинеските производители“, рече Дејвид Легет, уредник на GlobalData.
Во таква неповолна деловна средина, наследството и носталгијата би можеле да се покажат како моќно оружје за етаблираните брендови на автомобили, според Пол Нивенхуис, истражувач и автор во автомобилската индустрија.
„Во време кога квалитетни кинески електрични возила пристигнуваат на европскиот пазар, поврзувањето на континенталните модели со нивната историја, а воедно и примената на најновата технологија на погонскиот склоп, е нешто што кинеските производители не можат да го понудат“, вели тој.
„Кинеските компании можат да постават нови трендови во дизајнот, но им недостасува историско наследство“.
Сепак, Легет верува дека на Citroen ќе му треба повеќе од силен бран на носталгија за да го претвори новиот модел во хит во продажбата.
„Редизајнираниот Citroen 2CV во голема мера треба да му оддаде почит на својот претходник, особено во однос на цената, едноставноста на дизајнот и препознатливиот визуелен изглед“, вели тој.
„Но, во исто време, тој мора да биде модерен електричен автомобил на кој може да му се верува, во однос на функционалноста и карактеристиките што ги очекуваат денешните клиенти и кој може да им се допадне на широк спектар на потрошувачи“.

