О2 достави 17 амандмани за Законот за животна средина: Дали пратениците ќе поддржат построги правила?

О2

Здружението бара пратениците да се изјаснат дали ќе предложат или ќе поддржат измени за поголема јавност, построга контрола на загадувањето и поголема одговорност на инвеститорите.

Здружението за заштита на животната средина О2 доставило 17 предлог-амандмани до пратениците за измените на Законот за животна средина, повикувајќи ги членовите на собраниската Комисија за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање да се изјаснат дали ќе ги предложат или поддржат измените.

Комисијата треба да заседава денеска, 13 октомври, во 12 часот во Собранието. Од О2 велат дека биле известени оти редовниот рок за поднесување амандмани е истечен, па сега е клучно дали членовите на Комисијата ќе преземат иницијатива за поднесување комисиски амандмани.

Здружението ги повика медиумите пред почетокот на седницата да ги прашаат пратениците дали ги разгледале доставените предлози, дали ќе поддржат некој од нив и, доколку не го сторат тоа, зошто.

Што бара О2?

Предлог-амандманите опфаќаат повеќе области од заштитата на животната средина. Меѓу нив се поголемо учество на јавноста пред донесување одлуки, право на жалба и поголема транспарентност кај еколошките елаборати, како и појасни критериуми за тоа кои проекти мора да поминат низ оцена на влијанието врз животната средина (ОВЖС).

О2 предлага и задолжително оценување на кумулативното загадување, односно разгледување на вкупниот ефект од повеќе извори на загадување, наместо секој проект да се оценува изолирано.

Другите предлози се однесуваат на контаминираните локации и примената на принципот „загадувачот плаќа“, учеството на јавноста уште во фазата кога се одлучува дали е потребна ОВЖС, како и спречување информациите за емисиите релевантни за животната средина да се прикриваат како деловна тајна.

Здружението бара и конкретни, проверливи обврски за инвеститорите, јавен мониторинг и јавни расправи што ќе бидат навремено најавени и соодветно документирани.

Прашање и за Зелената парламентарна група

О2 посебно го повика Тони Јаревски, член на Комисијата и координатор на Зелената парламентарна група, да одговори дали лично ќе предложи или поддржи некој од 17-те амандмани.

Од здружението бараат и објаснување што ќе преземе за законите од областа на животната средина навремено да се разгледуваат во рамките на Зелената парламентарна група.

О2 оценува дека јавниот притисок треба да се насочи кон институциите и избраните претставници кои имаат надлежност да одлучуваат. Од пратениците очекуваат јасен став за предлозите и конкретни постапки, наместо одговорноста за подобрување на законските решенија да остане само кај граѓанските организации.

Рацин.мк ве прашува:

Кој е најодговорен за тоа што Македонија сè уште се задушува во диви депонии?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кој е најодговорен за тоа што Македонија сè уште се задушува во диви депонии?