Аеродромот во Нирнберг денеска привремено го прекина воздушниот сообраќај поради сомневање за вонредна состојба на патнички авион што пристигнувал од грчкиот остров Крф.
Авионот на „Корендон ерлајнс“, на летот XR456, бил придружуван од германски борбени авиони „Еурофајтер“ додека се приближувал кон Нирнберг.
Леталото безбедно слетало околу 12:16 часот, по што полицијата и специјализирани екипи извршиле проверки во и околу авионот.
Полицијата подоцна соопшти дека не е утврдена никаква опасност и дека патниците и екипажот се добро. Истрагата за причината поради која била активирана безбедносната тревога продолжува.
Поради интервенцијата, аеродромот бил привремено затворен, а дел од летовите биле пренасочени кон Франкфурт, Меминген, Штутгарт и Минхен.
Германската контрола на летање потврдила дека „Еурофајтерите“ од воздухопловната база во Нојбург на Дунав го придружувале патничкиот авион низ германскиот воздушен простор.
Неколку часа претходно на истиот аеродром имало и посебна безбедносна интервенција поради можен дрон.
Тројца пилоти независно пријавиле дека меѓу 2 и 4 часот наутро забележале непознат летечки објект при полетување или слетување. Во потрагата бил вклучен и полициски хеликоптер, но објектот не бил пронајден.
Германските власти засега немаат докази дека ноќните пријави за можен дрон се поврзани со подоцнежната тревога на летот од Крф.

