Колумбиската ѕвезда Шакира ја заврши својата европска турнеја во Мадрид со настап пред повеќе од 55.000 луѓе, придружувана од Малума, Лаура Паузини, Бизарап и други музички гости. Последниот концерт, одржан на 12 октомври, стави крај на речиси едномесечната музичка програма во шпанската престолнина, во рамките на светската турнеја „Las Mujeres Ya No Lloran“.
„Не сакам да си одам. Ќе биде многу тешко повторно да ја напуштам Шпанија“, им порача Шакира на присутните, признавајќи дека концертите во Мадрид биле исполнување на еден од нејзините најголеми соништа.
Најголемо внимание привлече заедничкиот настап со Малума, со кого ја изведе новата песна „Agua“, објавена пред помалку од еден месец. Двајцата ја претставија песната во живо и претходната вечер, а на завршниот концерт повторно настапија заедно пред публиката.
На сцената се појавија и шпанскиот пејач Дани Мартин, кој со Шакира ја изведе „Te dejo Madrid“, како и колумбискиот музичар Бееле со песната „Algo tú“. Изненадување беше настапот на италијанската пејачка Лаура Паузини, која ја отпеа „Antología“ и ја пофали Шакира како пример за жените што не се откажуваат од своите соништа.
Завршницата му припадна на аргентинскиот продуцент Бизарап, со кого Шакира го изведе големиот хит „Bzrp Music Sessions, Vol. 53“. Концертот заврши со спектакл од дронови кои на небото формираа глава на волчица, а потоа и порака „Gracias, Madrid“.
Турнејата во Мадрид опфати 13 настапи и привлече повеќе од 700.000 посетители. За потребите на настаните беше создаден „Макондо парк“, посебен простор со сцени, тематски содржини и придружни активности.
Шакира откри дека првично биле планирани само осум концерти и дека не очекувала интересот да биде толку голем. На последниот настап им се заблагодари на фановите за поддршката, велејќи дека поради нив се чувствува како повторно да ја започнува кариерата.
По Мадрид, турнејата продолжува со најавени настапи во Бишкек, Киргистан, на 18 октомври и кај пирамидите во Гиза, Египет, на 28 ноември.

